
Драмскиот театар промовираше монографија за Ристо Стефановски, еден од столбовите во македонската современа култура
На Светскиот ден на театарот – 27 март, Драмски театар – Скопје промовираше обемна монографија посветена на Ристо Стефановски и ја именуваше својата главна сцена со неговото име, со што оддаде огромна почит кон својот поранешен директор.
Препорачано
Доајенот на театарската уметност Ристо Стефановски (1928 – 2022) својата кариера ја почнал како актер во Народниот театар во Скопје. По завршувањето на театарската школа, студирал и организација на Факултетот за драмски уметности во Белград.
На 22 април 1957 година се родила идејата Ристо Стефановски да биде назначен за директор на тогаш именуваниот Куклени театар, подоцна преименуван во Младинско-детски театар и сосема на крај повторно преименуван во денес добро познатиот Драмски театар – Скопје. Стефановски останува да раководи со театарот повеќе од 25 години.
– Тој ја отвора вратата, го зацртува патот, ја создава основата и низ годините ги води најголемите премрежја, борби и победи на Драмски театар. Најистакнатите македонски театарски режисери, драмски автори, актери и останатите креативни чинители, ќе имаа понеизвесен пат во градењето на професионалната кариера доколку не добиваа отворени можности од страна на Стефановски. Оттука, тој не работеше само за растењето на Драмски театар, туку делуваше во целокупниот културен растеж на државата – истакна Викторија Рангелова Петровска, актуелна директорка на Драмски театар, на промоцијата на обемната монографија посветена на животот и делото на Ристо Стефановски.
Како театарски работник, театролог и театарски критичар, Стефановски остави длабоки траги во македонскиот театар со неговиот рационален ум и високи вредносни критериуми, а со него Драмски театар – Скопје се вивнува во врвот на некогашниот југословенски театар.

Промоторката на монографското издание, Искра Гешоска, истакна дека Ристо Стефановски е втемелувач, основач, поставувач на визионерските и стратешките насоки на развојот на Драмскиот театар.
– Со објавата на монографското издание за Ристо Стефановски, како и со именувањето на големата сцена на театарот, се покажува дека не само што има јадра кои пркосат на доминантната култура на заборавот, туку и дека постои јасно проникнување во втемелувањето на она што значи императивна вредносна вертикала. Монографското издание, внимателно уредено од Александра Бошковска, е важен придонес кон аргументацијата за историското значење на Ристо Стефановски, не само за Драмскиот театар, туку за историјата на современиот театар. Во него се поместени делови од неговите дневнички записи, делови од рефлексиите на колешките и колегите, соработничките и соработниците на Стефановски, хронолошки и биографски единици и факти поврзани со целокупната дејност на Стефановски. Станува збор за концентриран, систематично сублимен преглед, или ако сакате, резиме на еден столб во македонската современа култура – посочи Гешоска.

Уредничката на монографското издание, драматургот Александра Бошковска, во име на тимот што работеше на монографијата, во состав Викторија Рангелова Петровска, Димитар Николовски и Теа Беговска, истакна дека е големо задоволство што ја имале приликата да се посветат на изданието и дека е вложен голем напор да се сублимира огромниот материјал и да се сведе на обем што го дозволува форматот на монографско издание.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 224, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 30-31.3.2024)