
„(До)Живеј го Скопје“ е книга за скопските графити, феномен кој опстојува во урбаните средини
Книгата со скопски графити „(До)Живеј го Скопје“ од Матеј Богдановски и Игор Анѓелков на 10 април ќе излезе од печат во издание на „Или-Или“.
Препорачано
Откако со години наназад ги фотографирале и зачувале сите мудрости на графити-мајсторите, кои за свој простор на изразување ги користат јавните градски ѕидови, авторите решиле да ги спојат колекциите и да објават книга која на прекрасен начин го опишува Скопје и дава еден поинаков поглед врз неговото урбано живеење. Тиражот на книгата е лимитиран на 100 примероци.
– Графити, некои ги сметаат за вандализам, нагрдување на јавните и на приватните објекти, други, пак, како уметнички израз или улична уметност, еден вид на социјална комуникација преку пораки и мисли испишани по ѕидовите. Што е точно ќе остане уште долго како дискусија, но непобитно е дека графитите се еден феномен кој опстојува во урбаните средини, особено во големите градови. Скопје, иако можеби не е многу голем град, неговите ќошиња и фасади се носачи на овие привремени пораки, веќе со децении – истакнува Матеј Богдановски.
Матеј бил клучниот човек што му пишал на Игор Анѓелков дека би било добро да се објави графити-книга за Скопје. „Книгата веќе наиде на голем интерес, затоа што претставува артефакт за едно време низ кое сме поминале со будно отворени сетила, читајќи ги пораките на современиците врз ѕидовите околу нас, кои неретко нè замислувале, но и нè засмевале.
Отсекогаш сум ги обожавал графитите како слободна форма на изразување, бидејќи приказната е толку едноставна: имате ѕид, имате спреј во раката, добра мисла или талент за цртеж и магијата се случува веднаш, тука и сега. И не ви треба ништо повеќе! Ова е обид времето да се замрзне во едно шарено книжуле полно со радости“, се надоврзува Анѓелков во предговорот на книгата, која од понеделник ќе се најде во слободна продажба.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 174, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 8-9.4.2023)