
ДОМ со поддршка за граѓанскиот отпор против хидроцентралите на Кожуф
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) изрази целосна поддршка на граѓанската иницијатива за заштита на планината Кожуф од изградба на мали хидроелектрани и се солидаризира со активистите и здруженијата кои денес го формираат живиот штит и организираат блокади за да ја спасат планината од еколошка деградација.
Препорачано
„И покрај претходните ветувања од институциите и политичките партии и покрај јавниот отпор уште во 2023 година, денес гледаме повторно активирање на концесии и дозволи за проекти што се во директен судир со интересите на локалната заедница и јавниот интерес.
Планината Кожуф претставува едно од ретките природни богатства со сочуван биодиверзитет, извори на чиста вода и воздух и огромен потенцијал за еколошки туризам и одржлив развој. Наместо да се уништува за краткорочни економски интереси, таа заслужува внимателна и долгорочна заштита. Затоа, ДОМ го поддржува повикот за итно повлекување на спорните дозволи за градба, прекин на сите активности за изградба на мали хидроелектрани на Дошница, како и за започнување институционална постапка за прогласување на Кожуф за Национален парк“ велат од партијата.
Како партија со јасна зелена агенда, велат дека отсекогаш стоеле на страната на природата, локалните заедници и еколошките вредности.
„А денес, стоиме заедно со граѓаните кои одлучија да не молчат. Затоа што борбата за Кожуф е симбол на тоа дали имаме држава која ги штити своите природни богатства или ја продава иднината за нечии приватни интереси“ додаваат од ДОМ.
Активисти ширум земјава денеска се собраа на блокада на местото Смрдлива Вода за спас на реката Дошница на планината Кожув.
Блокада, како што беше најавено, ќе има секој ден, од 6 до 18 часот, а главниот протест е закажан за в недела (29 јуни) од 11 часот, токму на Смрдлива Вода. Апелираат сите кампери да си донесат опрема за кампување.