Фото: Jon G. Fuller / Vwpics / Zuma Press / Profimedia

Документи од нацистичка Германија пронајдени во подрумот на Врховниот суд на Аргентина

Кутии со документи од нацистичка Германија биле пронајдени во подрумот на Врховниот суд на Аргентина, каде што беа скриени повеќе од 80 години, објави Би-Би-Си. Необично откритие е направено додека работниците го чистеле подрумот на зградата. Документите биле испратени од германската амбасада во Токио и пристигнале со јапонски пароброд во Аргентина на 20 јуни 1941 година во 83 дипломатски пакети.

Истата година, тие завршија во Врховниот суд откако биле конфискувани од аргентински царински службеници. Врховниот суд на Аргентина во соопштението наведе дека германската амбасада во Буенос Аирес во тоа време ги прогласила тие документи за „лични предмети“.

Сепак, аргентинските царински службеници биле сомничави во врска со големината на пратката и го известиле аргентинскиот министер за надворешни работи Енрике Руиз Гињазу, стравувајќи дека пратката може да содржи материјал што би можел да ја загрози тогашната неутрална позиција на Аргентина во Втората светска војна.

Пет пакети биле отворени на случаен начин и беше пронајдено дека содржат разгледници, фотографии и нацистички пропаганден материјал. Германската амбасада во Буенос Аирес побарала торбите да бидат вратени во нејзината амбасада во Токио од каде што биле испратени, но аргентински судија во септември 1941 година наредил сите 83 пакети да бидат конфискувани.

Врховниот суд на Аргентина имал задача да донесе одлука што да прави со нив, но се чини дека никаква одлука не била донесена пред 1944 година, кога Аргентина ги прекина односите со силите на Оската, што објаснува како сандаците со децении собирале прашина во подрумот на судот.

Тие биле повторно откриени минатата недела од работници кои биле заинтригирани од многуте дрвени гајби за шампањ на кои наидоа додека преместуваа архивски материјал од подрумот на Врховниот суд.

„Со отворањето на една од кутиите, идентификувавме материјал наменет за пропагирање на нацистичката идеологија во Аргентина за време на Втората светска војна“, соопшти судот.

Сандаците брзо биле преместени во друга канцеларија во зградата, а судските службеници го известија Музејот на холокаустот во Буенос Аирес за нивното постоење и побараа помош за правење попис на целата нивна содржина.

Историчарите се надеваат дека документите ќе дадат индиции за финансиските мрежи на нацистите и нивните меѓународни врски.

По завршувањето на Втората светска војна, Аргентина, под водство на популистот Хуан Перон, стана засолниште за голем број високо рангирани нацисти, вклучувајќи ги Адолф Ајхман и Јозеф Менгеле. Дури во 2000 година претседателот Фернандо де ла Руа официјално се извини за улогата на неговата земја во засолнувањето на нацистичките воени злосторници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот