Коле Манев (1941-2025)

Документарно-филмски опус на Коле Манев во форма на филмски омаж ќе биде прикажан во Кинотеката

Програмата на Кинотеката во текот на март ја откри моќта на филмот како средство за раскажување приказни, еден дел беше посветен на оние коишто ја обликуваа седмата уметност, а меѓу нив е и сликарот Коле Манев со неговите филмски дела.

Документарниот филм „Тулгеш“ (1977, 57 мин.), како и два играни филмови „Еко-Скоп“ (2022, 15 мин.) и „Мост“ (2006, 93 мин.) ќе бидат прикажани во рамки на настанот „Вечер на Коле Манев во Кинотека“, што ќе се одржи на 29 март. Проекциите ќе бидат своевиден документарно-филмски омаж на познатиот македонски сликар и филмски автор Коле Манев (1941-2025).

Својот најпознат документарен филм „Тулгеш“, именуван според романскиот прифатен дом за сместување на децата-бегалци од Граѓанската војна во Грција, Коле Манев го реализира по сопствено сценарио и режија во 1977 година. Во овој филм, кој претставува ремек-дело на македонската документаристика, Коле Манев на визуелно супериорен начин ја раскажува трогателната приказна за одисејата на децата кои се принудени да ги напуштат своите домови во Егејска Македонија и да престојуваат во источноевропските земји, како и уште потрогателните средби со родителите по долги години, кога децата се веќе возрасни луѓе. Филмот „Тулгеш“ истата 1977 година, на тогаш престижниот Фестивал на југословенскиот документарен и краткометражен филм во Белград, е награден со главната награда, Гран-при за режија и Голем златен медал за најдобро сценарио.

Краткометражниот игран филм „Еко-Скоп“ на Коле Манев, во кој, покрај сценарио и режија, авторот е и директор на фотографија, е снимен во 2020 година, а прикажан во 2022 година. Ова визуелно супериорно дело е реализирано во време на корона-кризата и ја раскажува интересната приказна за уличен собирач на картони, чија активност се следи низ четирите годишни времиња.

Плакат за краткиот филм „Еко-Скоп“

Во посебен програмски блок истата вечер ќе биде прикажан филмот „Мост“. Тоа е единствениот долгометражен игран филм на Коле Манев, реализиран по сопствено сценарио со финансиска поддршка на Советот за радиодифузија во 2006 година. Филмот е снимен во живописното Кратово, а филмската приказна следи трогателна љубовна врска од XIX век.

Коле Манев беше роден во 1941 година во с. Бапчор, во Егејскиот дел на Македонија, кое е бомбардирано за време на Граѓанската војна во Грција во 1948 година и сите куќи се уништени, а останата е единствено црквата. Децата од селото, како и многу други деца од Егејска Македонија, се принудени да го напуштат своето родно место. Коле Манев, заедно со постариот брат Стасе и постарата сестра Елисавета, завршува во Романија, во прифатните домови во Арад, Синаја, Орадеа и Тулгеш, во романските Карпати. Токму името на овој последен дом – Тулгеш ќе послужи како инспирација за неговото најзначајно, врвно дело во филмската кариера – документарниот филм „Тулгеш“.

Коле Манев во Романија останува осум години. Во 1955 година, со посредство на меѓународниот Црвен крст се враќа во Македонија, во Скопје, каде што повторно се среќава со семејството, со мајката и двете сестри, а токму тие трогателни средби, во кои родителите по многу години се среќаваат со своите деца, ќе бидат подоцна извонредно опишани во неговиот документарен филм „Тулгеш“.

– Во Скопје го завршува Средното уметничко училиште, а потоа е примен на Ликовната академија во Белград, но по завршувањето на првиот степен се враќа во Скопје, а во 1965 година, веднаш по основањето на Телевизија Скопје, почнува да соработува со неа. Во таа прва етапа на телевизиското творештво кај нас, Коле Манев е ангажиран како режисер на анимирани и документарни емисии, а како млад ликовен уметник, тој рачно ги исцртува и сите шпици за сите документарни емисии што се снимаат во Телевизија Скопје. Потоа заминува во Париз, таму работи како слободен уметник и ја оформува својата сликарска кариера – истакнува филмологот Атанас Чупоски од Кинотеката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот