
Документарниот филм „Ветената земја“ на Ќендрим Ријани освои награда од публиката на „ПриДокс“ во Приштина
Документарниот филм „Ветената земја“, во режија на Ќендрим Ријани и во продукција на „Triple S“, својата интернационална премиера ја имаше во рамки на програмата „ПриДокс“ на „ПриФест“ (PriFest – Prishtina International Film Festival), каде ја освои наградата од публика (Public Award – PriDOX), која што е и единствена награда за документарен филм која се доделува на фестивалот.
Препорачано
Проекцијата на филмот се одржа на 3 јули на отворено, во прекрасниот простор на летното кино „e.dh.e“, каде што имаше одлични реакции од бројната публика, а коментарот за филмот беше дека се работи за „трогателен документарец што длабоко ја допре публиката, прикажувајќи еден помалку познат аспект на депортациите на Евреите од Скопје во 1943 година“. Приказната во филмот е базирана на сеќавањата на Мими Фараџи.
Во продукција на „Triple S“, документарниот филм „Ветената земја“ е поддржан од македонската Агенција за филм, продуцент е Рахим Рамадани, сценариото е на Венко Андоновски, снимател е Роберт Јанкулоски, монтажер е Блаже Дулев, а дизајнер на звукот е Дарко Спасовски – Пацки.
Режисерот Ќендрим Ријани дипломирал на Универзитетот за уметност во Тирана (Албанија), а живее и работи во Македонија. Досега режирал 27 театарски претстави, три документарни филмови и една опера. За неговата работа повеќепати е добитник на домашни и интернационални театарски и филмски награди.