Филмот е снимен високо во македонските планини

Документарниот филм „Планината не оди никаде“ ќе има светска премиера на фестивал во Швајцарија

Светската премиера на филмот „Планината не оди никаде“ (The Mountain Won’t Move) на режисерката Петра Селишкар ќе се одржи на 5 април во рамки на интернационалната натпреварувачка програма на фестивалот „Visions du Réel“ во Нион, Швајцарија, најстариот фестивал за документарни филмови во Европа.

Филмот е реализиран во продукција на „Петра Пан Филм“ (Словенија), „Синефаж продукција“ (Франција), ППФП (Северна Македонија) во копродукција со РТВ Словенија. Продуценти се Петра Селишкар, Виктор Еде и Сара Ферро, додека извршни продуценти се Бранд Ферро и Ивана Нацева.

Во македонските планини, на 2.400 метри надморска височина, тројца браќа со своите овчарски кучиња ја одржуваат вековната традиција, растргнати помеѓу нивниот начин на живот и соништата за поинаква иднина. Секоја година, тројцата браќа – Зекир, Зариф и Зани – поминуваат неколку месеци во македонските планини, чувајќи го семејното стадо. Постарите браќа, Зекир и Зариф, ги водат овците на горните пасишта, додека најмладиот, Зани, останува во долната колиба и се грижи за кравите.

Далеку од која било заедница и цивилизација, браќата живеат слободен, но тежок живот, исполнет со напорна работа, едноставни игри и невина радост. Покрај своите два многу помлади браќа, кои Зекир се обидува да ги научи на занаетот, тука е и нивната помлада сестра која понекогаш го посетува Зани, но единствените другари на момчињата се нивните многубројни кучиња шарпланинци. Едно од нив, Беличка – омиленото куче на Зариф – се наоѓа кај еден одгледувач од градот кој склучил сомнителен договор со момчињата.

Како што созреваат, во нивните глави се појавуваат многу прашања: кои се тие, како индивидуи, но и во односот еден со друг? Дали можат да се одржат во живот како овчари? Што ги очекува во иднина? Како растат тензиите помеѓу Зекир и Зариф, вториот сè повеќе посакува да го промени својот живот.

Премиерата е на 5 април во Нион, Швајцарија

На сценариото за филмот работеа режисерката Петра Селишкар и Танкред Ривиер, директор на фотографија е Бранд Ферро, монтажери се Лорелин Делом и Сашко Потер Мицевски, додека музиката е на Изток Корен. Дизајнер на звук е Владимир Ракиќ, а фоли артист и едитор на звучни ефекти е Вера Галешев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот