
Доколку дојде до буџетска блокада во конгресот, Белата куќа ќе започне масовни отпуштања во администрацијата
Белата куќа планира масовно и трајно отпуштање на вработени во државните служби ако Конгресот до 30 септември не го изгласа државниот буџет на САД, се наведува во официјален документ објавен на порталот „Политико“.
Препорачано
– Во текот на изминатите 10 фискални години, Конгресот го усвојуваше буџетот најдоцна до 30 септември, со согласност на двете партии. За жал, демократите во Конгресот објавија дека сакаат да го прекинат тој двопартиски тренд и да ја блокираат државата со низа бесмислени барања, наведе републиканецот Расел Ваут, директор на Бирото за управување со буџетот на Белата куќа, во пораката до владините служби.
Тој побара од федералните агенции да подготват планови за намалување на бројот на вработени кои работат на програми, кои сега не се финансирани и не се во согласност со „приоритетите на претседателот“ Доналд Трамп.
Ако до крајот на месецот не биде изгласан буџетот или привремен буџет ќе биде блокирана федералната влада, голем број федерални служби ќе престанат да работат, а стотици илјади вработени технички би биле невработени, а нема да се исплаќаат и социјалните бенефиции.
Републиканците имаат мнозинство во двата дома на Конгресот, но поради регулативите во Сенатот, тие мора да преговараат со демократите. Демократите бараат републиканците да ги вратат стотиците милијарди долари земени од здравствената заштита. Но, републиканците инсистираат да разговараат само за привремениот план од седум недели, со кој би се финансирала државата до крајот на ноември.