
Доколку денеска се пушти парно, 170 објекти во Скопје ќе останат без греење
Околу 170 објекти во Скопје моментално се затворени и во нив не може да се врши испорака на топлинска енергија поради дефекти на инсталацијата или проблеми во потстаницата.
Препорачано
За да може непречено да се испорачува топлина од 15 октомври откога започнува грејната сезона потрошувачите треба да ги отстранат евентуалните дефекти во внатрешната инсталација, а заедниците на станари или управителите на зградите да овозможат непречен пристап на службените лица на ЕСМ до топлинската станица, како и да обезбедат постојано напојување на станицата со електрична енергија, што значи дека треба навреме да се платени сметките за струја за топлинската станица.
Согласно податоците во Центарот за грижа на потрошувачи, во моментов има 170 затворени објекти, од кои 27 објекти имаат прекин на довод на електрична енергија во топлинската станица, во 43 објекти, екипите на операторот на дистрибутивниот систем немаат пристап до топлинската станица и 100 објекти се оневозможени да добијат испорака на топлина од системот за централно греење поради дефект во внатрешната инсталација на објектот – посочуваат од ЕСМ.
Оттаму нагласуваат дека соработката од страна на потрошувачите и заедниците на сопственици е во интерес на сите страни со цел да се обезбеди навременa и квалитетна испорака на топлинската енергија.
За информации или пријави на дефекти и завршени интервенции, потрошувачите може да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви 023076200 и 075400100.