
Договорот за спречување инфекции во болниците „фати сепса“ и може да ја чини Македонија 100 милиони евра, а пациентите живот!
Македонија ризикува да загуби 100 милиони евра на арбитража, бидејќи од мистериозни причини не спроведува јавно-приватно партнерство за заштита од болнички инфекции, иако е обврзана со договор што го потпишало Министерството за здравство уште во 2019 година.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Приватниот партнер е конзорциум на фирми, од кои дел котираат на италијанската берза. Од конзорциумот за „Слободен печат“ откриваат дека се подготвени да почнат со работа уште утре, но немале административен амин од неколку минати министри за здравство.
Во меѓувреме стерилизацијата на инструментите за операции во болниците се одвива со антички методи, интрахоспиталните инфекции ги демнат пациентите и нивните животи, а јавното здравство троши пари на компликациите после хируршките зафати наместо да ги превенира.
Одвреме навреме, во медиумите провејува црната статистика која честопати е скриена – дека во прилепската болница од стафилокока починала 52-годишна прилепчанка после киретажа. Или дека пациент фатил бактерија „серација“ при ортопедска операција, ама преживеал.
Во 1993 година аферата со „серација“, опасна бактерија што во вода може да преживее 30 години – беше причина неколку македонски пациенти да останат без око откако направиле операција на катаракта. Бактеријата им останала во окото, и за да не навлезе во крвта и да им се спаси животот, окото морало да се извади.
„Слободен печат“ две недели чекаше одговори од Министерството за здравство на нашите прашања зошто не почнуваат да го спроведуваат договорот за интегрирано менаџирање со иновативни решенија за хируршки зафати и здравствена заштита од болнички инфекции, но одговор и покрај бројните ургенции и инсистирања, не пристигна.

Кога во 2019 година Министерството за здравство потпишало договор за јавно-приватно партнерство со фирмата „Скопстер“ (заедничко вложување на „Евита“, „Делта Фарма“ и „Сервици Италија“) намерата била возвишена – да се спасат животите на пациентите од заканата од болнички инфекции кои се несакан натрапник и ризик секогаш кога се изведува хируршка операција.
Целта на ова јавно-приватно партнерство со долго име и краток живот, била да се создадат 4 центри (два во Скопје, еден во Охрид и еден во Кавадарци) во кои ќе се стерилизираат хируршките инструменти за сите болници од државното здравство.
Од тие центри, конзорциумот на приватниот партнер, требало да доставува персонализирани комплети на стерилни хируршки инструменти до сите државни болници наредните 15 години, а потоа инструментите и целата инфраструктура да ѝ останат во сопственост на Македонија.
Требало да им обезбедуваат на хирурзите облека за една употреба во хируршките сали, да го отстрануваат биолошкиот отпад, а после секоја операција да ја дезинфицираат салата.
Но, во 2025 година ова јавно-приватно партнерство има „фатено сепса“. Од четирите планирани центри, има само еден во „Мајчин Дом“ во Скопје, зашто другите три не им биле ни дадени во владение од страна на државата. Наместо европски начин на стерилизација на инструментите за операции во македонските болници, современа дезинфекција на хируршките сали и правилно менаџирање со отпадот, пациентите во државните болници легнуваат на операциони маси не знаејќи дека инструментите со кои им се прави операцијата се стерилизираат со методи од 60-тите години, кои се застарени и не гарантираат заштита од интрахоспиталните инфекции.
Додека хирурзите по цел ден носат искинати и изветвени зелени униформи, фирмите што се извисени во ова јавно-приватно партнерство се на крстопат. За „Слободен печат“ од „Скопстер“ велат дека ако наскоро не се најде чаре, на располагање им е да почнат постапка за арбитража пред меѓународен суд.
Сите документи што ги разгледа „Слободен печат“ во врска со оваа занемарена, а клучна зделка од стратешки интерес за јавното здравство, покажуваат дека Министерството за здравство како јавен партнер, го има прекршено договорот и роковите, а тоа е на штета на пациентите.

Албанија намалува инфекции со исто јавно-приватно партнерство
Министерството за здравство на Албанија, за разлика од македонското, го спроведува истово јавно-приватно партнерство веќе 9 години. Од 2016 година, програмата е воведена во 29 болници кај нашиот сосед, што претставува сосема нов стандард во здравствената грижа. Таму постојат 17 центри за стерилизација, што работат и придонесуваат за една поволна статистика: болничките инфекции се намалени, бројот на хоспитални денови за оперираните пациенти е помал, што пак штеди пари од здравствениот буџет.
Неспорно за ова јавно-приватно партнерство во Албанија, освен позитивната статистичка дијагноза е и тоа што за него во Албанија има луѓе што се во затвор поради тамошна истрага. Но, тие не се поврзани со фирмите што треба да почнат да работат во Македонија, туку со нивни партнери, велат за „Слободен печат“ од „Скопстер“ – фирмата што е заедничко вложување на „Евита“, „Делта Фарма“ и „Сервици Италија“. Во Италија пак, со децении во болниците од државното здравство се менаџира стерилизацијата на начинот предвиден со договорот за јавно-приватно партнерство што не заживеа во Македонија.
– Ниту „Скопстер“ ниту „Сервици Италија“ немаат директна инволвираност во таа истрага во Албанија. „Сервици Италија“ е компанија која котира на италијанската берза и повеќе од 20 години имплементира системи за техничка поддршка на хируршките капацитети. До сега се имплементирани вакви системи во повеќе од 600 болници во светот.
За конкретниот случај видовме дека пред неколку години имало скандал во Албанија со некои од управителите на фирмата која е член на конзорциумот во кој е и „Сервици Италија“. Дел од тие менаџери моментално се во затвор.
Но, реализацијата на проектот во Албанија продолжува непречено и досега ниту еден ден немало застој во работата. Услугата во Албанија постои повеќе од 9 години, каде државата има енормно намалување на интрахоспиталните инфекции кои директно придонесуваат за намалување на парите од буџетот што се трошат за лекови, изјавија за „Слободен печат“ од „Скопстер“.

Државниот ревизор предвидува, но Владата е во „рем-фаза“ од сонот
Државниот завод за ревизија во април 2025 година, во својот извештај со наслов „Воспоставувањето и реализацијата на договорите за јавно-приватно партнерство не обезбедуваат ефикасни јавни услуги и подобрени инфраструктурни објекти“, во таа една реченица од насловот ја опиша судбината и на партнерството за стерилизација во болниците.
Иако некои од фирмите на „Скопстер“ што треба да испорачуваат безбедна стерилна опрема во македонските болници се дел од државите на Европската Унија, тоа се чини не им е од голема грижа на здравствените власти. Претходниот министер за здравство Арбен Таравари, според извештајот на Државниот завод за ревизија, се чини не направил ништо за да го почне проектот.
Во август 2024 година тој испратил информација до Владата дека проектот напредува, Владата ја прочитала информацијата на седница и не дала предлог-заклучоци за натамошно постапување.
Државниот ревизор констатирал дека „Скопстер“ во целост извршиле реновирање, адаптирање и опремување на центарот за стерилизација на хируршка опрема во објектот во „Мајчин Дом“, додека кај другите три објекти не се отпочнати активности бидејќи државата не им ги дала во владение.
Работејќи со тоа што го имаат во владение, „Скопстер“ уште во мај 2024 биле подготвени да почнат да работат на првата клиника на која требало да се почувствуваат бенефитите од интегрираното менаџирање со иновативни решенија за хируршки зафата и заштита од болнички инфекции.
Тоа била Клиниката за гинекологија и акушерство во Клинички центар „Мајка Тереза“ – Скопје (ГАК). Но, соработката тогаш не била воспоставена. Не е воспоставена ни 1 година подоцна, во јуни 2025.
Ревизорите истакнуваат дека доколку не се воспостави соработка помеѓу двата партнери и не се изнајде заедничко решение постои ризик од потенцијални штети за двете страни.
„Овие штети не се ограничени само на економски аспекти, туку може да имаат и негативно влијание врз јавната перцепција за институциите и квалитетот на здравствените услуги кои им се обезбедуваат на граѓаните“, наведува Државниот завод за ревизија.

Молење кај различни министри, за потпишан договор кој има правна сила
Според договорот што „Скопстер“ го има потпишано со Министерството за здравство, уште во 2024 година требало да почнат со опслужување на првите клиники на Клинички центар „Мајка Тереза“. Станува збор за клиниките за гинекологија, дигестивна, пластична и неврохирургија. До ден денешен, во ниедна од нив пациентите не се оперираат со моделот од јавно-приватното партнерство во кое е „Скопстер“, туку се оперираат „како и до сега“.
Конзорциумот е блокиран да не може да проработи. На ГАК фирмата направила депо за хируршките инструменти и потрошниот материјал, ама тоа е празно. Кога на хартија во физибилити студијата ќе се види оправданоста за ваквата инвестиција тоа изгледа светски (во физибилити студијата што ја прочитавме пишува дека ваквата стерилизација е по ЕУ стандарди, а и дека претставува стратешки владин интерес), но во пракса директорите на клиниките пружале огромен отпор бидејќи европската стерилизација носи и европски цени, пари што треба да ги одвојуваат нивните болници зависно од тоа колку услуги потрошиле.
Директорите се жалеле дека болниците немаат пари да плаќаат поскапа стерилизација, без да имаат предвид дека услугите од јавно-приватното партнерство се 5 на број а не само стерилизација и дека договорот е веќе склучен и дека клиниките не се страна во него. Во 2020 година Фондот за здравство предвидел дури и дека ќе им исплаќа условен буџет на клиниките за да ги покријат обврските кон „Скопстер“ за стерилизацијата и другите услуги.
Но, до 2025 година ниедна болница не побарала таков условен буџет од ФЗОМ.
Од 2019 година досега, до Фондот за здравство не се доставени конкретни барања од Министерството за здравство во врска со активирање или финансирање на услугите предвидени во рамки на овој договор.
Исто така, до овој момент, ниту една јавно-здравствена установа не се обратила до Фондот со барање за алокација на средства за користење на услугата стерилизација од приватниот партнер, изјавија од ФЗОМ за „Слободен печат“, додавајќи дека кога се доделувал договорот за јавно-приватното партнерство, во комисијата за евалуација имало еден член од кај нив, затоа што услугите ќе бидат предмет на рефундација од Фондот.
Министерството за здравство, иако прашано, до објавувањето на овој текст не достави одговори во врска со неспроведувањето на договорот, иако им беа оставени повеќе денови на располагање.
Договорот за ЈПП што го анализираше „Слободен печат“ јасно содржи член за пенали каде е објаснето дека ако „едната страна не имплементира, а другата губи средства“ постои можност за барање оштета на име „изгубено време, реализирани трошоци и загуба на профит“. Исто така постои правна можност арбитража – форма која е утврдена со билатералните договори помеѓу Македонија и Албанија и Македонија и Италија.
Затоа, јасно е дека Министерството за здравство е исправено пред пресметката – дали ќе го спроведе договорот по повисоки цени од сегашната тековна стерилизација, или пак ќе го раскине и ќе плаќа пенали на арбитража а стерилизацијата ќе остане античка. Трета опција нема.
Како е сега, а како треба да биде и споредување „баби и жаби“
Меѓу критичарите на ова јавно-приватно партнерство, главниот аргумент е цената. Велат дека во подрумот на КАРИЛ, каде што сега се стерилизираат инструментите за операциите, да се стерилизираат инструменти за една операција чини 440 денари, додека цените со јавно-приватното партнерство биле многу повисоки. Затоа ја прашавме фирмата „Скопстер“ што влегува во овие цени и добивме одговор дека тоа што се прави сега, во смисла на стерилизација и тоа што е предвидено со јавно-приватното партнерство се неспоредливи работи. А еве и зошто:
Со воведувањето на јавно-приватното партнерство, „Скопстер“ има обврска да ја опслужи секоја една операција со соодветен сет на хируршки инструменти. За илустрација, сега во операционите сали во текот на една операција се користат повеќе стерилизациски единици кои како услуга се наплаќаат од заеднички служби. Еден хируршки сет и една стерилизациска единица не се иста работа. Стерилизациската единица не е сет и содржи мал број инструменти или повеќекратна хирушка облека.
Според анализите моментално се користат 5 до 10 стерилизациски единици по оперативен зафат. Сетовите пак на кои Министерството за здравство со договорот со „Скопстер“ се согласило, содржат 50 и повеќе инструменти по сет и истиот сет се користи само за една операција. Освен тоа, за секоја операција „Скопстер“ според договорот треба да обезбеди еднократни униформи за персоналот, покривки за операционите кревети и покривки за пациентите. Потоа, треба да ги транспортира хируршките инструменти од и до хируршките одделенија и да ги репроцесира во регионалните центри за стерилизација по извршената операција.
После секоја операција, треба да изврши висока дезинфекција и да го собере и да го третира медицинскиот отпад. Сето тоа влегува во истата цена. Потоа, во интегриран ИТ систем „Скопстер“ е задолжен со договорот да води евиденција и анализа на оперативните зафати, на потрошениот материјал, учинокот на медицинскиот персонал и слично.

Согласно досегашната пракса на пресметки во рамки на болниците, во трошокот на еден оперативен хируршки зафат се вкалкулирани само услуга за стерилизација на една стерилизациска единица на инструментите стари повеќе од 30 години (без нивна набавка) и дезинфекција на хируршките сали.
Дополнително на овој износ, како засебен трошок би требало да се пресметуваат трошоците за вработените (за функционирање на единицата за стерилизација), перење на медицинската облека за повеќекратна употреба, набавка/замена на хируршки инструменти како и за креирање или набавка на наменски софтвер.
Покрај ова, како резултат на интрахоспитални инфекции настанати во рамки на хируршките сали, има голем број повторени хоспитализации кои го оптоваруваат здравствениот систем и ФЗОМ со дополнителен трошок за болничко сместување и лекување со десетици милиони евра годишно.
Степенот на контрола е низок, се работи со многу стара опрема и стари стерилизатори, а постоечките центри за стерилизација се во многу лоша состојба без запазување на стандарди и норми на ЕУ.
Сето ова придонесува за дополнителни, високи трошоци за третман на болнички инфекции со морбидитет и морталитет на болните, висок процент на искористеност на капацитетите на болниците до над 110%, дополнителни социо-економски трошоци. Методологијата за пресметка на нашите услугите е по принципот “pay per use” и се однесува на сите 6 погоре наведени пакет услуги, а се изразува преку секој искористен хируршки сет.
И тука се создава конфузијата, односно се прави паралела на две различни работи кои не треба и не може да се компарираат – цените (постоечки) кои се однесуваат како трошок за една стерилизациска единица (стерилизирање на постоечките, застарени инструменти) и оние кои се во „Скопстер“.
Односно, пресметката во „Скопстер“ не се однесува само на доставениот сет хируршки инструменти, туку на целокупниот пакет услуги – вкупно 6. Цената по оперативен зафат зависи пред сѐ од типот на употребени инструменти, а не од нивната количина. За илустрација, доколку еден хирург употреби повеќе од еден ист вид сет, во финалната пресметка ќе биде пресметан само првиот.
Сетовите со најнови инструменти се секогаш подготвени и на располагање, без одолговлекување и одложување. Подготовката на операционите сали се одвива побрзо и хируршкиот тим е 100 проценти фокусиран на самата операција, велат од „Скопстер“ на прашањето на „Слободен печат“ зошто нивните услуги за најкомплексниот сет достигнуваат до 16 илјади денари.
Оттаму сметаат дека кога би се имплементирало јавно-приватното партнерство, би се вовел стандардизиран степен на стерилизација и максимален степен на контрола, што сега го нема во државното здравство а влијае врз намалување на постоперативните инфекции од хируршките сали до 70 проценти и директна заштеда на средства.
Дополнителен бенефит според нив е следењето на реализираните операции и зголемувањето на продуктивноста, со намалување на времето на листата на чекање, подобро управување со инфективниот ризик и намалена стапка на инфекции од хируршки зафати.
Преку современ информациски систем, уредно и точно, ќе биде водена евиденција и статистика за сите извршени операции, што сѐ е употребено, податоци кои според праксата се исклучително важни, пред сѐ за јавниот партнер, односно Министерството за здравство, ни рекоа од „Скопстер“.
Долгорочно, кога се работи за животот на пациентите што легнуваат на операција, праксата на досега имплементираните проекти за ваков менаџмент во болниците, покажала радикално намалување на интерхоспиталните инфекции. Ова пак, го намалува трошокот на државата за лекови, бидејќи кога нема болничка инфекција, нема ни потреба да се купуваат лекови за третман на пациентот.
Во договорниот период од 15 години, државата нема никакви инвестиции за набавка на хируршки инструменти, опрема за нивна стерилизација, лични средства за заштита и средства за одржување хигиена, дезинфекција и стерилизација на хируршки сали и вработување на едуциран персонал кој ќе работи во центрите за стерилизација и болниците во Македонија.
Цени според комплексноста на хируршкиот сет
Од договорот се гледа дека цените на сетовите за операција варираат според комплексноста. За сет стерилизирани инструменти за амбулантски пациенти цената е 1,726 денари. За сет инструменти за операции со ниска комплесност износот е 6.215 денари. За сет инструменти за интервенции со средна комплексност 9,783 денари а за сет со висока комплексност 16.402 денари.

Во ова неспроведено јавно-приватно партнерство се планирало и современо и компјутерски прецизно следење на учинокот – центрите за стерилизација треба да се поврзани меѓу себе преку софтвер со кој во реално време може да се следат сите операции, инструменти, стерилизација и контрола на трошоците. Инструментите предвидено е да ги транспортира „Скопстер“ со своја логистика, да обезбедува персонал во центрите и во секоја хируршка сала, да врши гасна плазмена стерилизација и парна стерилизација.
Во првиот центар што „Скопстер“ го има оспособено во „Мајчин Дом“, инсталирана е најсовремена опрема и техника, која е валидирана и сертифицирана по стандардите на ЕУ. Таму е предвидено да се вршат активности за хигиено-технички третман и контрола на контаминацијата на хируршките инструменти, од каде сетовите хируршки инструменти ќе се дистрибуираат за употреба до депоата на хируршките одделенија во целата држава.

„Скопстер“ уште на 2 мај 2024 година го информирале Министерството за здравство за намерата да почнат да ги даваат услугите, ама до ден денешен, повеќе од една година од Министерството ги игнорираат и не им даваат да почнат.
Самото доцнење е основа за плаќање пенали кон „Скопстер“, а пенали се плаќаат од буџетот на сите пациенти со кој управуваат министрите. Но „Скопстер“ уште нема почнато правна борба за да не ги налути властите од кои зависи иднината на овој проект за стерилизација. Меѓутоа, тужбите и арбитражите, како што велат оттаму за „Слободен печат“, им стојат на располагање.
– „Скопстер“ како приватен партнер, досега инвестираше над 10 милиони евра сопствени средства, како дел од инвестицијата која треба да изнесува над 27,6 милиони евра. Во случај на оневозможување да се почне со давање на услугите, во членот 17 од договорот е предвиден надомест на штета заради доцнење поради неисполнување на обврските од страна на јавниот партнер.
Како информација, од 2 мај 2024 до 7 март 2025 година материјалната штета на „Скопстер“ по овој основ е проценета во износ од околу 1 милион 239 илјади евра. Покрај правото за барање за надомест на штета заради доцнење настанато како резултат на неисполнување на обврските од страна на јавниот партнер, имаме законски права за побарување на надомест согласно законски утврдената постапка.
Сепак, во интерес на досегашната инвестиција и бенефитот за целокупниот здравствен систем кој произлегува од ова ЈПП, наша цел е решавање на ова настанато пролонгирање со почеток.
Во таа смисла, силно веруваме дека Владата и новиот министер за здравство ќе постапат соодветно и почитувајќи го Договорот за ова ЈПП во најкус можен рок ќе преминат кон административно создавање услови за опслужување на хируршките клиники со услугите кои ги нудиме, а со тоа и имплементација на современа услуга од која основен бенефит ќе биде намалување на болнички инфекции.
Но, земајќи го предвид деловниот интерес и досега инвестираното кое не генерира никакви приходи, ќе бидеме приморани да пристапиме кон употреба на соодветни правни механизми како би ги надоместиле инвестицијата, оперативните трошоци и секако – неостварената добивка, велат од групацијата.

Конзорциумот уште во мај лани бил подготвен да почне со опслужување на 4 клиники, но повеќе од една година, заклучно со денес, не опслужува, а со тоа и нема прилив на финансиски средства од редовна работа (опслужување на хируршки одделенија). За проширување на услугите кон државните болници надвор од „Клинички центар уште не станало ни збор, со оглед на тоа што ни Клинички центар не е почнат со работа. Сите рокови се пробиени.
Според роковите од договорот за 12 месеци требало да се имплементираат услугите на сите клиники во Клинички центар „Мајка Тереза“ Скопје. Од фирмата велат дека се спремни да инвестираат и во другите 3 центри за стерилизација и да набават инструмнети и за останатите хируршки одделенија.
За целокупниот период во времетраење на ЈПП, предвидено е „Скопстер“ да инвестира вкупно околу 27.6 милиони евра од сопствени средства, без пресметана инфлација. Досега, инвестирани се над 40 проценти од вкупниот предвиден износ.
Додека се чека, во центарот за стерилизација во „Мајчин Дом“ вработени се 60 лица за кои се исплаќаат плати и се обучувале во Италија, во услови кога јавно-приватното партнерство не е мрднато од мртва точка. Додека чека, „Скопстер“ потрошил 1,5 милиони евра на оперативни трошоци.
По истекот на договорот кој е на 15 години, објектите и целата инвестирана опрема според договорот треба да ѝ припадне на Република Македонија. Но, државата ризикува ова никогаш да не се оствари, и наместо инвестирање во современо европско здравство да инвестира во адвокатски услуги за арбитражен суд.
„Скопстер“ ја презеде пералната на Клинички, одби две ЕУ-некадарни локации за стерилизациски центар и едвај крпи крај со крај за плати
И пералната во Клинички Центар „Мајка Тереза“ е дел од овој договор за јавно-приватно партнерство за интегрирано менаџирање со иновативни решенија за хируршки зафати и здравствена заштита од болнички инфекции. Во јануари 2024 година, „Скопстер“ го презел менаџирањето со пералната во затекнатата состојба, каква што е 50 години и со сите вработени.
Износот за услугата во пералната е дефиниран по цени кои датираат од 1996 година и до ден денес не се променети, а наспроти тоа, редовните трошоци (електрична енергија, вода, плати и други) се менуваат и растат од година во година. Фирмата одржува стари и амортизирани машини, за што велат дека имаат енормни трошоци.
Покрај ова, Службата за Општи и Заеднички Работи ја врши исплатата за услугата на пералната со одложување и нередовно како резултат на ненавремена исплата од страна на болниците, што во крајна линија придонесува кон акумулација на големи трошоци за целокупното управување со пералната, велат од „Скопстер“.
Според договорот за јавно-приватно партнерство, вториот регионален центар за стерилизација мора да биде во рамки на Клинички Центар „Мајка Тереза“ – Скопје.
За таа цел, во 2020 година, Министерството за здравство како јавен партнер предложило неколку објекти кои не биле соодветни да се пренаменат во центри за стерилизација. Со пералната сега управува фирмата, но се жалат дека заедничките служби ненавремено и нецелосно им исплаќаат фактури кои освен платите на вработените, содржат и други реални материјални и оперативни трошоци. Затоа платите доцнат, а фирмата сама се снаоѓа.
Бидејќи работиме по ригорозни ЕУ-протоколи според кои задолжителна е валидација на процесот на работа, нашите експерти од Италија не ги одобрија предложените простории во кои моментално се врши стерилизација (подрумските простории на Хируршките Клиники и во ГАК).
Основната причина беше честата појава на поплава во овие објекти, нешто кое долгорочно може да го загрози процесот на стерилизација и дополнително да не можеме и никако не смееме да дозволиме во такви услови да извршиме валидација на процесот.
Затоа Министерството ни предложи да ја земеме пералната и таму да го направиме вториот центар за стерилизација, со обврска да инвестираме во делот на постоечката перална. Таму во моментот функционираат машини и опрема стари повеќе од 60 години.
Во моментот кога ја прифативме оваа локација, веднаш пристапивме кон изработка на проект за пералната кој е готов, но имплементацијата не ја започнавме од причина што повеќе од 1 година се пролонгира почетокот со имплементација на нашето ЈПП, велат од „Скопстер“.
Стерилизацијата на застарен начин и хигиената на незадоволително ниво остануваат реалност на македонските јавни здравствени установи. Во 21 век интрахоспиталните инфекции се причина за тешки компликации кај пациентите а во многу случаи и потежок проблем отколку што е основната болест.