Стотици жртви во војната во Израел/Фото: EPA-EFE/ABIR SULTAN

Договорот за примирје помеѓу Израел и Хамас доби меѓународна поддршка

Израелската влада и Хамас се договорија за ослободување на 50 жени и деца држени како заложници од палестинските милитанти во Газа во замена за четиридневен прекин на огнот, кој ќе стапи на сила утре во 10 часот.

Ослободувањето на секои дополнителни десет заложници ќе резултира со уште еден ден во пауза, стои во официјалното соопштение на израелската влада. Пред синоќешниот состанок на владата, премиерот Нетанјаху иако побара поддршка за договорот, сепак најави и дека војната ќе продолжи додека не ги постигне целите.

„Се зборуваат многу бесмислености, како тоа дека ако има прекин на огнот, за ослободување на заложниците, ќе ја запреме војната. Затоа сакам да појаснам, ние сме во војна, и ќе продолжиме да се бориме, ќе продолжиме да се бориме додека не ги постигнеме нашите цели“, изјави Бенјамин Нетанјаху – Премиер на Израел.

Претставниците на Хамас пак не сакаат да навлегуваат во детали од договореното, се сомневаат дека израелската влада може да отстапи.

„Затоа веруваме дека ова што е на маса денес е отворен пат да се постигне примирје, доколку сака окупаторот, но ако окупаторот не сака и продолжи да убива и пролева крв, мислам дека ќе ја направи ситуацијата покомплицирана и со тоа ќе имае повеќе пречки на патот. Мислам дека во следните неколку часа ќе се знае се“, изјави Кхалил Ал – Хаја – Политичко Биро на Хамас.

Примирјето утрово го поздрави и Европската Унија, како и генералниот секретар на НАТО Јенес Стотенберг кој од Скопје порача дека очекува да се засили хуманитарната помош.

„Го поздравувам договорот помеѓу Хамас и Израел кој треба да води до ослободување на заложници и ќе овозможи да се донесе хуманитарна помош“, изјави Јенс Столтенберг – Генерален секретар на НАТО.

Израел почна да ја напаѓа Газа откако борците на Хамас ја преминаа границата на 7 октомври, убивајќи 1.200 луѓе и зедоа околу 240 други како заложници.

Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас, соопшти дека повеќе од 14.000 луѓе – вклучително и повеќе од 5.000 деца – се убиени во нападите на Израел, кои продолжија и во текот на ноќта откако беше соопштено за постигнатиот договор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот