
Договор за прекин на огнот во Алепо
Сириската армија и Сириските демократски сили СДФ (SDF) предводени од Курдите, кои се поддржани од САД, постигнаа договор за прекин на огнот во два округа на градот Алепо, објави сириската државна новинска агенција САНА.
Препорачано
Договорот дојде по зголемените тензии и судири меѓу двете страни, а сириското Министерство за одбрана претходно соопшти дека армијата се прегрупирала по неколку фронтовски линии со SDF на североистокот од земјата, велејќи дека тоа не е во подготовка за воена операција, туку мерки за спречување на напади и обиди за заземање територија, објави Ројтерс.
Неодамнешните судири дополнително го загрозија спроведувањето на мартовскиот договор што предвидуваше вклучување на силите предводени од Курдите и регионалните курдски администрации во државните институции на Сирија, со цел обединување на земјата по 14 години војна.
Според очевидци, сириската армија претходно ги запечатила двете населби под контрола на СДФ во Алепо, предизвикувајќи протести од локалните жители.
Спорадичните престрелки продолжија на периферијата на населбите, а гранати испукани од внатрешноста на населбите ги погодија блиските станбени области, велат жителите.
Безбедносен извор изјави дека еден член на безбедносните сили бил убиен во напад врз контролен пункт, додека курдските борци поврзани со СДФ изјавија дека го одбиле нападот на владините сили.
Портпаролот на СДФ, Фархад Шами, ги обвини владините сили дека се обиделе да влезат во населбите со тенкови, негирајќи ги тврдењата дека членовите на СДФ нападнале контролни пунктови на сириската армија.
СДФ во меѓувреме ги засили операциите во претежно арапските градови под нивна контрола, тврдејќи дека ги таргетираат скриените ќелии на Исламска држава.
Мартовскиот договор, постигнат со посредство на САД по соборувањето на претседателот Башар ал-Асад во декември, повикува на интеграција на курдските сили во државните структури до крајот на годината.