
Договор од 100 милијарди долари – два технолошки гиганти ги менуваат правилата на играта
Енвидија планира да инвестира 100 милијарди долари во OpenAI за изградба на нови центри за податоци и инфраструктура за вештачка интелигенција, објавија двете компании. Овој договор моментално е во форма на писмо за намери и предвидува изградба на центри со капацитет од најмалку 10 гигавати. Тие ќе бидат опремени со најсовремени чипови на Nvidia за обука и имплементација на модели на вештачка интелигенција.
Препорачано
Овој потег дополнително ги зацврстува испреплетените интереси на технолошките гиганти кои развиваат напредни системи за вештачка интелигенција. За Nvidia, која доминира на пазарот на графички процесори, оваа инвестиција значи финансиско учество во најпознатата компанија за вештачка интелигенција во светот. Од друга страна, за „OpenAI“ тоа е клучен извор на капитал и пристап до чипови, без кои не може да ја одржи својата предност во сè посилната конкуренција.
Според информации блиски до компаниите, трансакцијата ќе се спроведе во два чекора. Nvidia прво ќе инвестира околу 10 милијарди долари во акции без право на глас, а OpenAI потоа ќе ги искористи тие пари за да ги купи своите чипови.
– Сè започнува со компјутерската моќ. Тоа ќе биде основа на економијата на иднината – рече извршниот директор на компанијата „OpenAI“, Сем Алтман.
Тој додаде дека партнерството треба да овозможи нови пробиви во индустријата за вештачка интелигенција. Веста веднаш влијаеше на берзата. Акциите на Nvidia пораснаа за повеќе од 4% достигнувајќи рекордно високо ниво, додека Oracle, кој гради центри со OpenAI и Microsoft како дел од проектот Stargate, порасна за 6%.