
Добредојде за Османи само на албански јазик, посетата на претседателката ги испразни контејнерите и го растовари сообраќајот во Тетово
Со многу фама, а речиси никаков исход и конкретни пораки за заедничка соработка на кој било план, помина посетата на претседателката на Косово Вјоса Османи на Тетово.
Препорачано
Таа пред влезот на градот, беше „пречекана“ со билборд само на албански јазик, а за нејзиниот говор немаше официјален превод на македонски јазик.
Обраќањето ѝ беше со ист наратив како и тоа на градоначалникот на Тетово Биљал Касами. Од Тетово, како што посочи Османи, „почнале многу историски процеси за албанскиот народ“.
„Тетово и Косово имаат многу заедничка историја и плодна и братска соработка. И денеска нашите врски се нераскинливи. Многу млади од овој град студирале и студираат на нашите Универзитети и обратно. Мојата посета во РСМ е уште еден доказ за придонесот што Албанците го дале за државотворноста на РСМ и за евроинтеграциите, за нашата соработка и пријателски односи меѓу двете држави, кои сигурна сум дека ќе се продлабочуваат во иднина. Косово секогаш ќе биде благодарно на граѓаните на Вашата држава за помошта и безусловната поддршка што ја давале за граѓаните на Косово„, рече Османи.

Градоначалникот на Тетово, Билал Касами, порача дека тетовци се почестени од посетата на Османи и нејзиниот придонес во подобрување на соработката на двете држави.
„Косово и Македонија имаат историски блиски односи и порано во рамки на поранешна Југославија. Но, и сега се држави на Балканот кои немаат никакви проблеми меѓу себе и се пример како треба да се негуваат односите меѓу двете држави. Тетово како еден од главните градови после Скопје каде мнозинство на граѓание се Албанци е мостот на соработката меѓу Македонија и Косово и затоа јас како градоначалник ќе продолжам да ги негувам овие односи со Косово со кого имаме заедничка историја да споделиме како и соработка во рамки на идната соработка во делот на интегрирање на Македонија и Косово и ЕУ“, рече градоначалникот на Тетово Билал Касами.
Реакции од ВМРО ДПМНЕ и СДСМ за пречекот на Османи во Тетово
Од опозициската ВМРО ДПМНЕ, која на локално ниво во Општина Тетово е на власт во коалиција со БЕСА, партија чиј лидер е Касами, ги повикуваа институциите на Република Македонија да превземат енергични мерки и да постапат според Уставот и важечките закони во врска со поставувањето на билборди само на албански јазик со кои е пречекана претседателката на Република Косово во Општина Тетово.
„Воедно поздравувајќи ја добрата соработка помеѓу Република Македонија и Република Косово, сметаме дека е добро да градиме добрососедски односи, но, остро се спротиставуваме на злоупотребувањето на Уставот и законите на Република Македонија и цениме дека е недозволиво девалвирањето на употребата на Македонскиот јазик како единствен службен јазик како и државното знаме. Упатуваме апел до институциите на системот на Република Македонија својата енергија да ја насочат кон борба за право и правда, сузбивање на корупцијата и заедничко унапредување на Република Македонија на патот кон Европската унија. Тој пат се оди само со почитување и лојалност кон уставно-правниот поредок на кој почива македонската држава, соопштија од ОК на ВМРО ДПМНЕ.
Со реакција излегоа и од СДСМ
„Најостро ги осудуваме последните испади на градоначалникот Касами со неговиот обид за „хортикултурно“ разубавување на градот. Иако и во претходните негови ставови и делувања истиот го повикавме да ги преиспита истите и да се откаже од купување на ситни политички поени преку националистички постапки, сепак тој и понатака продолжува да игра со чуствата на помалите етнички заедници кои пак му ја доверија честа да биде градоначалник на Тетово. Го потсетуваме дека општина Тетово не е негова своина туку им припаѓа на сите жители во неа, па така како градоначалник е обврзан да ги почитува нивните барања и во никој случај да не се дрзнува да задира и повредува чуства на граѓаните по било која основа“, соопштија од СДСМ
За време на посетата на Османи, која по средбата со Касами направи обиколка во центарот на градот, а посети и основно училиште, Тетово беше невообичаено чист, отпадот го немаше на јавните површини, контејнерите не беа преполни со смет, а сообраќајниот хаос „исчезна“.
„Значи можело да биде Тетово нормален град, но само кога некој доаѓа во официјална посета. Ако, нека одат почесто вакви делегации да здивнеме од хаосот во градот, но кога Касами ги пречекуа ваквите делегации треба да го почитува македонскиот јазик,“ вели една жителка на Тетово.

Османи престојот во Тетово го заврши со посета на Шарената џамија во Тетово, а во текот на обиколката низ градот беше пропратена со развиорени албански знамиња.
