Добитникот на наградата „13 Ноември“, Слободан Петровиќ, објави самиздат „Од кандидат до лауреат“

Добитникот на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје за публицистика во 2021 година Слободан Петровиќ, од својата апликација за наградата успеа да направи книга-самиздат со наслов „Од кандидат до лауреат“.

Книгата, или применетата новинско-журналистичка инсталација, како што ја ословува самиот автор, е отпечатена во 50 примероци, а авторот планира бесплатно да им ја подели на своите блиски пријатели, на иницијаторот и на поддржувачите на патот до престижната награда.

Во содржината на книгата се поместени предлогот и експликацијата на иницијаторот на кандидатурата за наградата, д-р Сашо Орданоски, како и поддршката за кандидатурата што Слободан Петровиќ ја добил од 20-ина свои колеги, еминентни новинари, писатели, филозофи, режисери, инженери.

Во текстот со наслов „Личност со непресушна креативна енергија“, иницијаторот Орданоски потенцира дека Слободан Цобе Петровиќ, „без никаква дилема е еден од најголемите живи двигатели, творци и уредници во поствоеното македонско печатено новинарство“.

На инвентивен начин во самиздатот, на околу 120 страници, Петровиќ успева со текстови и фотографии да ја раскаже својата професионална и животна биографија, да објави новинарски цртички, да посвети раскази, да истакне новинарски објави за неговите дела, но и несебично да ја претстави листата на сите добитници на наградата „13 Ноември“ во 2021 година.

Самиздатот „Од кандидат до лауреат“ е направен за личен ќеф, но претставува фактографска печатена белешка за еден богат, плоден и возбудлив новинарски живот.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 109, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 11-12 декември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот