
До почетокот на кампањата за локалните избори сите државни возила мора да бидат со обележани регистарски таблички
Сите службени возила и возила во сопственост на државата најдоцна до 29 септември, односно до почетокот на кампањата за локалните избори, ќе мора да добијат нови, посебни регистарски таблички во боја.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Ова денеска го соопшти директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР), Ивица Томовски, кој појасни дека станува збор за околу 7.000 до 7.500 возила.
– Во овие 34 години независност многупати слушавме дека ќе се спречат злоупотребите на службените возила за приватни и партиски цели, но тоа не се случуваше. Сега на дело го реализираме тоа. На сите институции им дадовме насока и препорака до 15 септември да отпочнат со промена на табличките, а конечниот рок е 29 септември – изјави Томовски.
Тој нагласи дека Правилникот не предвидува казни, но доколку институциите не ги брендираат возилата во рок, ќе мора тоа да го сторат при наредната регистрација, кога задолжително ќе добијат посебни таблици во боја.
Со оваа обврска ќе бидат опфатени сите возила во државна сопственост – од владините и општинските возила, до оние на јавните претпријатија. Исклучок ќе бидат само возилата со специфична намена, како дел од МВР и Агенцијата за национална безбедност.
Одлуката за новото брендирање беше донесена на владината седница на 29 јули. Првите институции чиј возен парк веќе доби нови таблици се СОЗР, ТИРЗ, Агенцијата за храна и ветеринарство и Царинската управа.
Директорот Томовски потенцира дека овој процес е чекор кон поголема транспарентност и спречување на злоупотребите со државните возила.