
ДЛУМ ќе ја претстави изложбата „Експериментален цртеж“ во Венеција
Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) ја организира изложбата „Цртеж. Експериментален цртеж“ секоја година како дел од официјалната годишна програма. Изложбата оваа 2024 година се организира по осми пат, што го покажува постојаниот интерес на современите уметници за изразување во ова специфично ликовно подрачје.
Препорачано
Изложбата има за цел да овозможи простор за презентација на дела каде границите на традиционалниот цртеж се поместуваат, повлекуваат и преобликуваат во нови изразни форми. Оваа изложба го слави иновативниот дух на уметниците кои се осмелуваат да ги предизвикаат конвенциите на медиумот, презентирајќи разновидна колекција на експериментални цртежи кои ги предизвикуваат очекувањата и ги повикуваат гледачите да ги откриваат новите можности на ликовна креација.
Во оваа ера на огромни можности на комуникација, уметниците постојано бараат свежи начини на изразување. Цртежот, со својата вродена едноставност и разноликост, служи како плодна почва за експериментирање. Од намерното обележување на моливот до спонтаните гестови на јаглен, секој потег на празната хартија е можност да се истражува, да се поставуваат прашања и користат нови материјали и техники.
Изложбата „Цртеж. Експериментален цртеж“ оваа година во Македонија се реализираше во куќата на доајенот на македонската ликовна уметност, сликарот Борко Лазески.
ДЛУМ дополнително ја воведе и темата – можност за осврт кон делото на Борко Лазески со идеја да се поттикнат современите автори за истражување и создавање на сопствени дела во релација со цртежите, но не и делото на еден од основоположниците на македонската ликовна уметност. Тоа беше уникатна можност за синергија помеѓу авторите и просторот во кој творел и живеел Борко Лазески, чие творештво останува да инспирира и поттикнува.
Изложбата „Цртеж. Експериментален цртеж“ е дел од програмските изложби на ДЛУМ. Оваа година на 7 ноември ДЛУМ ја отвора изложбата во галеријата „Кунст Депот“ во Венеција. Изложбата ќе трае до 17 ноември 2024 година. На изложбата се претставени четириесетина цртежи изработени во повеќе цртачки техники.
ДЛУМ изрази благодарност до Љупка Делева, ликовна уметница која живее и работи во Венеција, за нејзиниот ангажман изложбата да се реализира во галеријата „Кунст Депот“ во Венеција. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам на РС Македонија.