
Дипломите се небитни ако си среќен како Бојан Христовски
Фортуната и овој пат се покажа како пресудна за таличниот Бојан. Од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) кажаа дека Бојан Христовски е чист како солза, кога е во прашање неговото високо образование
Можеби дека генерално немам среќа во животот, јас им се воодушевувам на среќлиите, кои ете газат во животот и спротивно на сите предвидувања на крајот се победниците. Таков к’сметлија или барем така тоа мене ми изгледа е Бојан Христовски, актуелниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ).
Препорачано
Бојан веќе неколку месеци е во центарот на вниманието на јавноста, односно од моментот кога беше именуван на директорската позиција во АНБ, за работи кои ете мене би ме погодиле, закопале, би ме натерале на оставка, на повлекување од јавниот живот и преселување на село со поглед на старата липа. Ама јас сум баксуз, тоа веќе го реков, за разлика од Христовски кој ете нема проблем кога ќе биде утврдено дека неговиот сертификат за познавање на англиски јазик е истечен, иако му е потребен при вработувањето во АНБ. Веројатно го прашал таму некој знаеш англиски, тој рекол јес и чиста работа. Интересно е тоа што тој е до толку среќен, што не му беше проблем да остане во АНБ и кога беше обелоденето во јавноста дека сертификатот за познавање на англискиот не му е издаден од, да речеме некој центар во Македонија, туку од училиштето во Пловдив, Бугарија, кое се вика Јулија и кое е спорно. Значи кај што полагал, Бојан искористил и викенд на море. Среќко!
Потоа беше спорно што тој станал директор на институција од стратешки карактер за државата со несоодветно образование. Односно тој имал диплома од Факултетот за физичка култура. Глупости, тој веднаш изреагира со нова диплома издадена од Факултетот по економија на Универзитетот за туризам и менаџмент. Ама на дипломите и среќата им немаше крај, па излезе дека тој е и постдипломец, па стана и асистент на Факултетот за безбедност. Тоа што тоа е инкомпатибилно, односно позицијата во АНБ му е неспојлива со асистентската нема врска, бидејќи веќе рековме дека тоа би било проблем за мене, но не и за човек со широки капацитети на среќа.
И кога сите помисливме дека Христовски може непречено да продолжи да работи, се случи уште една среќна околност. Некои таму новинари провериле дека тој се запишал на Економскиот факултет, во моментот кога тој факултет не постоел. Односно дека тој се запишал таму, пред факултетот да биде формиран и да добие акредитација од државата за работа. Мислам навистина голем малер е тоа. Замислете, сте се запишале на факултет, од дома ви купиле нова облека, некое количе на старо за да не чекате автобуси, а факултетот не ви постои. Ама фортуната и овој пат се покажа како пресудна за таличниот Бојан. Од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) кажаа дека Бојан Христовски е чист како солза, кога е во прашање неговото високо образование. Сè е законски. Значи каков цар, никој ништо не му може. Ни малициозните новинари коишто продолжија да копкаат и да пропаѓаат во калта, вадејќи несреќен податок дека извесна Цвета Ристовска, којашто е надлежна за неговиот предмет во ДКСК, во исто време била професорка на Универзитетот за туризам и менаџмент. Антикорупциска тоа го демантираше така што ги обвинија новинарите дека наместо да истражуваат, тие влегле на сајтот на оваа високообразовна институција и таму утврдиле дека Ристовска е професорка. Што според нив не е точно. Односно тие пишале дека таа навистина е професорка, ама тоа не било така. Ако нешто не ви е јасно, тоа значи дека и вие сте несреќни како мене.
Филозофијата, а уште помалку науката може со сигурност да дефинира што е среќа. Во литературата ќе пронајдете безброј примери на среќни луѓе, а од пред некој месец еден таков можете да го пронајдете и во АНБ. Знае и англиски и економија и физичка култура и може да предава безбедност. Некој би рекол дека не ви требаат дипломи за да бидете среќен, а јас би додал и дека не ви требаат дипломи за да станете директор, се разбира доколку имате среќа.