
Дина Дума со награда за најдобар режисер на „Фест“ во Белград
Македонската режисерка Дина Дума ја освои наградата за најдобра режија на меѓународниот филмски фестивал „Фест“ во Белград за својот дебитантски долгометражен игран филм „Сестри“.
Препорачано
Како што одлучи меѓународната жири-комисија составена од Милош Биковиќ, Тамара Драгичевиќ, Ѓерѓи Радули, Аргирис Пападимитрополус и Тони Гојановиќ, Дума е наградена заради „способноста да ги насочи младите талентирани актери и да ги претстави фантастично низ објективот“, и како што наведуваат, „филмот успева да ја раскаже приказната и да отвори дијалог за една многу важна општествена тема на времето во кое живееме“.
При врачувањето на наградата, Дума изрази посебно задоволство што се наоѓа пред публиката на „Фест“, бидејќи зачетоците на филмот се токму во Белград, на „Фест“, пред 4 години.
– Овој филм настана како резултат на соработката на овој фестивал во рамките на програмата „Фест форвард“ и мило ми е што повторно сум овде по четири години да ја примам оваа награда – изјави Дума.
Филмот „Сестри“ е за две тинејџерки, чие пријателство е ставено на тест кога се соочени со последиците од своето декадентно однесување и досега е прикажан на повеќе од 30 меѓународни фестивали. Има освоено и други награди, како онаа за најдобар игран филм од младинското жири на фестивалот „Екс-граунд“ во Висбаден, Германија, и наградата од публиката на фестивалот Панорама на европски филм во Атина, Грција. „Сестри“ беше македонски кандидат и за наградата „Оскар“ за најдобар меѓународен филм.
(Текстот е објавен во ТВ и Филмски печат на 11 март 2022 во весникот „Слободен печат“)