
Димовски со одговор на обвинувањата: Одговорно тврдам дека Мицкоски не бил следен, да се декласифицираат документите за наводни злоупотреби
Одговорно тврдам дека премиерот Христијан Мицкоски, додека бил лидер на тогашната опозиција во периодот кога јас бев директор на АНБ не бил предмет на посебен оперативен интерес на Агенцијата, не бил предмет на организирана оперативна работа, а со тоа ниту таргет кон кого биле применувани било какви оперативно-технички мерки, пишува во објава на Фејсбук поранешниот директор на АНБ Виктор Димовски откако на брифинг со новинарите во Агенцијата, актуелниот директор Бојан Христовски кажа дека во периодот од 2019 до 2024 година со внатрешната истрага во институцијата било откриено дека биле следени лидер на опозициска партија и група новинари, медиуми, бизнисмени.
Препорачано
АНБ го известила ЈО за незаконско и неетичко постапување на поранешен директор и група вработени
– Со оглед на тоа што во претходен брифинг за медиуми во АНБ бил споменат периодот од 2019 до 2024 година во дел од кој и јас ја извршував должноста директор на АНБ, одговорно тврдам дека тој како лидер на тогашна опозициона партија во периодот од 2019 -2022 година не бил предмет на посебен оперативен интерес на Агенцијата, не бил предмет на организирана оперативна работа, а со тоа ниту таргет кон кого биле применувани било какви оперативно-технички мерки. Точно е дека во наведениот период согласно законските надлежности во Агенцијата имаше постапка за преиспитување на проверките за безбедносни сертификати, вклучително и за еден тогашен и сегашен пратеник поради оддавање на класифицирана информација, а за што му беше поднесена соодветна кривична пријава до надлежното обвинителство. Во врска со тоа, на мое барање на дневен ред на надлежната собраниска Комисија за надзор на работата на АР и АНБ беше ставена точката за информирање за случајот и изнесените наводи во електронските медиуми од негова страна – објави Димовски.
Тој го повика Христовски веднаш да ги декласифицира документите за наводи злоупотреби.
– Со оглед на сериозноста на изнесените наводи на синоќешниот прес и на претходниот брифинг во АНБ го повикувам директорот на Агенцијата веднаш и неодложно да ги декласифицира документите за наводни злоупотреби, а особено тие кои се однесуваат на прислушување на тогашниот лидер на опозицијата. Македонската јавност има право да знае кој тоа предлагал, барал, одобрувал и кој ги извршувал наводните прислушувања! Очекувам дека овој пат нема да има криење со изговори од типот “класифицирани информации со степен на државна тајна”, посебно после последните неколку објави во некои “информирани медиуми” кои лиферуваат конкретни имиња на лица кои наводно биле таргет на Агенцијата, вклучително и податоци за идентитетот на вработени и тајни соработници – додава Димовски.
Мицкоски вчера изјави дека и Агенцијата за разузнавање (АР) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) „се занимавале“ со него, односно бил прислушуван во годините додека ВМРО-ДПМНЕ била во опозиција.
Актуелното раководство на АНБ доставило пријави до Јавното обвинителство, поради индиции за незаконско, непрофесионално и неетичко постапување на еден поранешен директор на Агенцијата и група вработени во оваа институција.
И Мицкоски и Христовски не сакаа да навлегуваат во детали, бидејќи како што рекоа станува збор за документи кои се класифицирани како државна тајна, но и двајцата изразија очекување дека случајот ќе добие правна разрешница, а одговорните ќе бидат казнети.
-Па, јас не би можел да зборувам за деталите, претпоставувам и директорот ќе го каже тоа, бидејќи тоа е државна тајна и така е класифициран тој документ, документи би рекол. Но едно е факт, дека двете агенции и Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност темелно се занимавале со, во тоа време, претседателот на најголемата опозициска партија, т.е. со мене, меѓу другото и со новинари и со бизнисмени новинари. Така што еве да оставиме време периодов процесот да тече, да видиме Обвинителството што ќе каже, судиите нормално во еден судски процес. Јас сум навикнат, еве истекува осмата година како сум претседател на ВМРО-ДПМНЕ навикнат сум на таков тип на луѓе и не ме изненадува тоа бидејќи и тогаш стигаа до нас информации што сè се случува – рече Мицкоски.
Христовски, пак, одговарајќи на новинарските прашања, рече оти слободно може да каже дека во 2019 г. АНБ била сè, само не реформирана институција.