Дарко Димовски
Дарко Димовски / Фото: Скриншот, Јутјуб

Димовски ја покажа пресудата за кривично дело на директорот на „Водовод“, тој пак тврди дека синдикалецот лаже

Утре Сојузот на синдикати на Македонија ќе одржи состанок на кој треба да се донесе одлука за штрајк на вработените во ЈП „Водовод и канализација“ откако до ноќеска на полноќ не беше испочитувано синдикалното барање за оставка или разрешување на в.д. директорот на коминалното претпријатие Марјанчо Митовски.

Првиот синдикалец Дарко Димовски денеска пред јавноста излезе со, како што рече, уште еден доказ дека Митовски не ги исполнува условите да биде вршител на јавна функција поради правосилната пресуда за извршено кривично дело, напад на лица со нож, нанесувајќи тешки телесни повреди. Тој пред новинарите го покажа и решението со кое Митовски се упатува на издржување затворска казна. Димовски посочи дека имаат и лекарски извештај кој кажува дека психичката состојба на директорот е нарушена и дека се лекува, но дека таквиот извештај ќе го покаже на следната прес конференција.

 Еве ги доказите, ние не сме Марјан Митовски да го лажеме македонскиот народ, не сме Митовски да ги лажеме скопјани и да ја лажеме градоначалничката. Истото ќе го доставиме и до градоначалничката Данела Арсовска и до Советот на Град Скопје. Го повикувам директорот да си поднесе неотповиклива оставка барем од морални причини, бидејќи ние работниците веќе се плашиме да одиме на работа знаејќи што овој в.д. директор му направил на друг човек со ладно оружје и тука прекинува секоја наша соработка со него. Доколку не си поднесе оставка го повикувам градоначалникот на Град Скопје и Советот да го разрешат веднаш – рече претседателот на ССМ .

Во врска со обвинувањата на Арсовска дека во „Водовод“ има многу вработени што земаат по 60 илјади плата, а не доаѓаат на работа, Димовски рече нека отвори градоначалничката дисциплински постапки и тие неработници да се отстранат од своите работни места.

Ние како ССМ се залагаме да не постојат неработници во сите јавни и приватни претпријатија и стоиме позади тоа. Јас сум првиот што не поддржува некој да не оди на работа. Инаку морам да кажам дека не може сите да земаме 18 илјади плата. И 60 илјади е ништо за оваа економска криза – вели Димовски.

Запрашан дали е вистина дека на неговата сопруга, вработена во претпријатието и биле одземени привилегиите и дека затоа е оваа „пресметка“ со в.д. директорот Митовски, Димовски објасни дека таа работи како помлад соработник за безбедност и здравје и дека можат да отворат дисциплинска постапка за да се утврди дали се вистинити тие обвинувања.

Актуелниот директор на „Водовод и Канализација“ преку фејсбук страницата на претпријатието претходно ги демантираше вчерашните тврдења на Димовски дека има пресуда за кривично дело, обвинувајќи го дека „безочно“ лаже, поради што претседателот на Ссм денеска и јавно ја покажа пресудата.

Вистината е дека Митовски не лежел затвор и не постои таква пресуда. Она што навистина го фрустрира претседателот на ССМ е одземањето на привилегиите кои ги уживала неговата сопруга Лила Димовска која впрочем е вработена во ЈП Водовод и канализација – Скопје. Службено возило, службен телефон, платени отсуства од по шест месеци и уште толку неплатени отсуства и бројни други привилегии преку кои повеќе не може да ги користи ниту да се богати семејството Димовски – напиша Митовски на фејсбук.

Според него парите кои досега вработените ги добивале како плата, отсега ќе мора навистина да ги заработат, а скопјани не се должни да ги плаќаат нивните хирови и незаслужени привилегии. Митовски посочува дека демант го смета и за официјално барање за извинување и повлекување на лагата која ја лиферувал Дарко Димовски од ССМ во наредните 48 часа, во спротивно, тој се закани дека вистината ќе се докажува пред надлежен суд.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот