
„Димни сигнали“ излегуваат од институциите, ама нема пријави и казни-чадот од цигарите ја замагли забраната за пушење во затворен простор
Дел од граѓаните велат дека и покрај отворените прозорци, миризбата е доказ дека се пуши дури и во здравствените установи, некаде дури и без криење на персоналот. Дополнително влошување на состојбите се случува и со користењето на разните типови електронски цигари или оние што се нарекуваат уреди за несогорлив тутун
„Димни сигнали“ се шират од разни институции, а граѓаните што чекаат за некаква услуга велат дека честопати ја намирисуваат реата од цигарите што службениците ги пушат во затворените простории и ходниците, иако тоа е законски забрането. Има случаи и кога во јавниот превоз ќе се почувствува силна миризба, бидејќи шоферот вози и пуши, без разлика што кабината му е затворена.
Препорачано
За потсетување, несогорливите тутунски производи и уредите за нивно загревање не спаѓаат под забраната за пушење од член 3 став 1 од Законот за заштита од пушењето и според тоа електронските цигари може да се пушат и во затворениот дел на јавните простории, а таа „дупка“ масовно се користи уште од 2021 година, што исто ги иритира граѓаните. Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) е надлежен за контролите за пушењето во угостителските објекти и во јавните простории, постапува по пријави, но досега не е казнета ниту една институција. Директорот на ДПИ, Влатко Стојкоски, вели дека грижата за почитувањето на законот во државните институции е на нивните раководители и државните секретари.
– Државните институции треба да бидат пример за сите останати и треба доследно да го почитуваат законот. Мора конечно да се стегнат законските норми и да се избришат сите недоследности за забраната за пушење во затворен простор, а во новото законско решение не смее да има разни отстапки. Едноставно треба да се воспостави целосна забрана, без досегашните премолчани мерења, односно дали просторот е затворен од две или три страни – дециден е Стојкоски.
Дел од граѓаните велат дека и покрај отворените прозорци, миризбата е доказ дека се пуши дури и во здравствените установи, некаде дури и без криење на персоналот. Дополнително влошување на состојбите се случува и користењето на разните типови електронски цигари или оние што се нарекуваат уреди за несогорлив тутун.
– Тоа се толку разни јаки ароми, кои предизвикуваат кашлање кај оние што ги вдишуваат. Штом шират толку јак мирис, сметам дека се штетни. Како се случи да се дозволи нивната употреба во затворен простор – велат дел од граѓаните.
Од почетокот на годинава, ДПИ направил 1.717 инспекциски надзори во врска со Законот за заштита од пушењето. Од јануари до јуни, донесени се 2.527 решенија во управна постапка, а од нив 11 биле согласно овој Закон. Непочитувањето на членот 2 и 3 од Законот за заштита од пушењето, предвидува казна од 2.000 до 4.500 евра за правното лице, за одговорното лице од 500 до 1.000 евра, а за физичкото лице што ќе биде фатено како пуши во затворен објект предвидена е парична казна од 100 до 300 евра, во денарска противвредност, посочуваат од ДПИ.
– Вкупниот број издадени платни налози според Законот за заштита од пушењето во првото полугодие од годинава е 106 и тоа во износ од над 8 милијарди денари. Од нив наплатени се само 27 и тоа во износ од над 957 илјади денари – известуваат од ДПИ.
И пасивно пушење е ризик за здравјето
Изложеноста на пасивно пушење може да доведе до рак на белите дробови, акутна и хронична коронарна срцева болест (КСБ) и иритација на очите и на носот кај возрасните. Истражувањата, исто така, покажуваат дека ризиците од КСБ од пасивното пушење се суштински неразделни од активното пушење пишува Тобако Атлас, според кој дури 51,1 отсто од Македонците се изложени на пасивно пушење.
Инаку, Македонија е лидер во Европа по потрошувачка на цигари – 48,4 отсто од возрасните луѓе пушат, што е далеку над ЕУ просекот за употреба на тутун (29 отсто). Просечен Македонец пуши во 20 цигари дневно, а во по просек, се очекува секое лице во Македонија да потроши 1.500 илјади парчиња цигари во 2025 година. И покрај напорите за намалување на стапките на пушење, Северна Македонија сè уште има значителен број пушачи, а цигарите остануваат популарен избор меѓу населението, објави Статиста.