Максим Димитриевски / Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Димитриевски за препукувањата меѓу Милошоски и Филков: Тоа се лични ставови, може да ги има и во иднина

„Премиерот тоа го дефинира како лош ден, а јас би го дефинирал како лоши и некоректни изјави, но тоа се лични ставови и видувања, а не официјални на партиите“, вели претседателот на партијата За наша Македонија (ЗНАМ), Максим Димитриевски, во врска со меѓусебните дискредитации што пред неколку дена јавно си ги упатија пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, и министерот за правда Игор Филков од редовите на ЗНАМ.

Во гостувањето на Тема на денот на ТВ Сител, Димитриевски вели дека владината коалиција е стабилна и дека во овој момент не постојат никакви отворени прашања кои би ја нарушиле функционалноста на Владата и парламентарното мнозинство.

„Можеби ќе слушаме и во иднина такви изјави, тоа се лични ставови и видувања. Но мислам дека е политички некоректно да се коментира надвор од партиски органи и тела за одредени работи кои, сепак, претходно беа анализирани од страна на самиот мандатар и претставниците во извршната власт. Но, како и да е, ние немаме намера да криеме ништо од јавноста. Нашите членови во партијата, вклучувајќи го и министерот Филков, имаат право на свој издвоен став и мислење и секако и во иднина не исклучувам да има вакви испади или ставови на луѓе во партијата или поддржувачи кои ќе дадат свои лични видувања за поединци од другата страна, вклучувајќи ги и нашите коалициони партнери. Затоа постои демократијата“, вели Димитриевски.

Не е првпат, додава тој, Милошоски да излегува со сопствен став и видување за одредено прашање.

„Во минатото имал такви ставови во однос на мене, упатувал критики, но јас тоа сум го игнорирал не земајќи го здраво за готово. Но како и да е, нормално е дека секогаш пред избори се разгорува реториката којашто ја користат самите политички репрезенти сакајќи да собетар ситни евтини политички поени за себе. Она што е важно е дека Владата и владините партнери се стабилни“, додава претседателот на ЗНАМ.

Димитриевски ја прокоментира и средбата меѓу премиерот Христијан Мицкоски и претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, поздравувајќи ги „сите видови дијалог во политичката комуникација“ и истакнувајќи дека „дијалогот во политиката е неопоходен и добредојден“, но рече и дека „не треба да се дава повторно можност креаторот на проблемите да биде и креатор на решенијата“, алудирајќи на Филипче.

Ќе ја растури ли Таравари Вреди пред локалните избори?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот