
Дијана Иваноска советува како на природен начин да вапсате јајца во пастелни бои
Дијана Иваноска со својот талент за комбинација на вкусови нè носи на едно исклучително гастрономско патување. Иваноска стои зад инстаграм-профилот „Dash of Spice“ и ни ги открива малите тајни за создавање магија од вкусови.
Препорачано
Овој пат Дијана споделува неколку начини како природно да ги вапсате јајцата.
„Оваа година исто како и минатата, јајцата ги вапсав со природни бои добиени од зеленчук, овошје, зачини и билки. Вистина, има малку повеќе работа отколку вапсување со купечки бои, но, многу е забавно и никогаш не знаеш точно која нијанса на боја ќе ја добиеш. Ако ги подготвите боите ден претходно, ќе си ја олесните работата и вапсувањето ќе ви биде големо уживање.Кај вапсувањето на овој начин најмногу ми се допаѓа што се добива пастелна боја на јајцата. Инаку, без разлика која техника ја користам за вапсување, еден дел од јајцата задолжително ги правам црвени со лушпи од кромид и различни листенца. И задолжително неколку јајца со салфетки и белка од јајце“, објаснува Дијана.

За сина боја:
1/2 главица црвена зелка сечкана. Се додава вода, да ја покрие зелката и се вари околу 20 минути. Се прецедува течноста и се додава 1 лажиче сол и 2 лажици оцет. Се ставаат варените јајца во течноста и се оставаат онолку долго колку што сакате да биде интензивна бојата. На тој начин може да добиете различни нијанси од истата боја.
За зелена боја:
Во течноста од сварена зелка додадете куркума во прав, оцет и сол. Колку повеќе куркума ќе ставите, потопла нијанса на зелена ќе добиете
За жолта боја:
Потопете 2 лажичиња куркума со врела вода. Додадете 1 лажиче сол и две лажици оцет.
За розова боја:
Две главици цвекло подгответе ги на ист начин како зелката за сината боја.
Може да употребите и лушпи од кромид, црвено овошје, спанаќ, магдонос, кафе…
