
Дезинформациите ги отуѓуваат младите и децата од реалноста
Во време кога живееме со модерна технологија, константно сме изложени на многу ризици кои потекнуваат од секојдневното користење на компјутерската технологија, социјалните мрежи и платформите за комуникација. Во една ваква реалност, повеќе од очигледно е дека е невозможно да функционираме без користење на социјалните мрежи, но истовремено тоа значи и дека сме под ризик да бидеме измамени и манипулирани од морето на информации кои допираат до нас. Тоа е така бидејќи токму социјалните мрежи се главниот канал кој се користи за ширење на дезинформации и лажни вести до масовните публики особено оние од младата популација.
Препорачано
Имено, со појавата на социјалните мрежи и со ширењето на разните информации на интернет меѓу кои и дезинформациите е намален е бројот на младинци, деца и тинејџери кои лице в лице се дружат со своите пријатели секојдневно. Ако во 90-тите години секој втор тинејџер, секој ден се среќавал со своите пријатели, денеска тој број е намален едвај на 20 проценти.
Од друга страна, најновите истражувања покажуваат дека кај тинејџерките има двојно поголема веројатност за појава на симптоми на депресија поврзани со користењето на социјалните мрежи отколку кај момчињата, најмногу поради вистинитоста на содржините прочитани и видени на социјалните мрежи, нарушувањето на спиењето, незадоволството од сопственото тело и падот на самодовербата.
Во истражување, во чии рамки биле анализирани податоци за речиси 11.000 млади лица во Велика Британија, истражувачите заклучиле дека 14-годишните девојчиња се почести корисници на социјалните медиуми, меѓу кои две петтини ги користат социјалните медиуми повеќе од три часа на ден, додека истото го прават една петтина од момчињата.
Студијата покажала дека 12 отсто од умерените корисници на социјалните мрежи и 38 отсто од оние што минуваат повеќе време на социјалните мрежи (повеќе од пет часа на ден), покажуваат знаци на сериозна депресија. Кога станува збор за процесите што може да се поврзани со користењето на социјалните медиуми и депресијата, истражувачите откриле дека 40 отсто од девојчињата и 25 отсто од момчињата имале искуство со онлајн-малтретирање. Нарушувањата на спиењето се појавуваат кај 40 отсто од девојчињата, додека кај момчињата процентот е 28 отсто. Анксиозноста и лошиот сон се поврзани со депресијата.
Исто така, девојчињата се изложени на поголем ризик кога станува збор за поврзаност меѓу користењето на социјалните мрежи и грижите за изгледот на сопственото тело и самодовербата, но во овој случај разликата меѓу девојчињата и момчињата е помала.
Ивон Кели, професорка на лондонскиот Институт за епидемиологија и здравствена грижа, која е еден од авторите на истражувањето, ги повика родителите и политичарите да посветат внимание на резултатите од студијата. Таа додава дека фамилиите исто така треба да размислат за ограничување на користењето на мобилните телефони во тинејџерските соби и кога и каде е во ред да се минува време на социјална мрежа.
Времето со медиумите некогаш и сега
Истражувањето на (Kaiser Family foundation) објавено во 2010 година покажа дека дури и тогаш децата на возраст од 8 до 18 години просечно поминувале по 7 часа и 38 минути на ден конзумирајќи медиумски содржини, иако тој број е всушност многу поголем ако се земе предвид дека децата често користат повеќе медиуми во исто време (на пр. додека играат видео игри слушаат музика на радио). Денес, тинејџерите посветуваат и до 9 часа на ден на медиумите. Затоа, не е чудно што дури 66% од родителите веруваат дека нивните деца поминуваат премногу време пред екраните, а 59% од нив сметаат дека нивните деца се зависни од мобилните уреди.
Иако Youtube е сè уште апликацијата на која децата поминуваат најмногу време, Тик Ток опасно и се доближува зад петици. Според најновите истражувања објавени 2020 година, децата просечно поминуваат по 85 минути дневно на YouTube и по 80 минути на Tik Tok.
Токму оваа социјална мрежа Тик Ток која младите најмногу ја посетувата во светската јавност на оваа тема честопати е споменувана дека е еден од главните извори преку која се шират дезинформациите и лажните вести поврзани со војната во Украина. Во период од година и половина додека беснеат битките не прекинуваат да се публикуваат брутални видеа и слики, кои ја режираат „реалноста“ во Украина во зависност која од завојуваните страни ги публикува.
Во септември 2021 година, сопствениците на компанијата информираа дека глобалната месечна публика на социјалниот медиум е 1 милијарда корисници, а таа во просек од тогаш наваму секој месец расне за нови 41 милион на корисници. Сето наложува дека над милијарда луѓе корисници на оваа мрежа во светот секојдневно се изложени на ризикот од дезинформации.
Скандали на компаниите кои управуваат со социјалните мрежи
Во светло на актулените случувања поврзани со дезинформациите и лажните вести битно е да се напомене дека речиси сите социјални мрежи биле поврзани со некои скандали кои пак биле поврзани со корисниците. Така Тик Ток, во тоа време познат како Мусицал, се најде на суд заради нелегалното собирање на информации за деца под 13-годишна возраст и поради тоа се согласиле да платат казна од 5,7 милиони долари за кршење на Правилата на ЦОППА.
Фејсбук беше соочен со проблем кога беше објавена снимка во живо од масовното убиство на 49 лица во Нов Зеланд. Од Фејсбук посочуваат дека дознале за поставувањето на видеото на Интернет дури откога полицијата ги известила за тоа. Снимката била веднаш отстранета, но сепак била присутна доволно долго за луѓето да ја видат, да ја преземат и да продолжат да ја споделуваат на други социјални мрежи. Тука се јавува проблемот со препознавање на несоодветна содржина која се објавува на социјалните мрежи.
Лажните вести реален проблем и за најмладите
Употребата на (нови) медиуми запира само кога младите и децата спијат. Пред избувнувањето на пандемијата, младата популација беше вклучени во интеракција лице-в-лице барем за време на часовите, а моментално и тој дел е префрлен во виртуелниот свет. Социјалните мрежи веќе не се алтернативен начин, туку станаа една од основните форми на социјализација на децата и младите.
Зголеменото време што децата го поминуваат со медиумите ја наметнува можноста тие да бидат изложени на поголем број ризична содржина. Со прекумерна употреба на медиумите и несоодветната содржина на Интернет, постои долг список на опасности со кои може да се соочат децата. Од изложеност на дезинфорамции па се до лажно претставување, педофилија, насилство меѓу врсниците, хакерство и кражба на идентитет итн. се проблеми што нема да исчезнат со текот на времето, туку само можат да ескалираат.
Речиси сите експерти кои се занимаваа со влијанието на масовните медиуми врз децата ја истакнаа клучната улога на родителите. Родителите треба да имаат функција на медиумски едукатори кои ќе ги запознаваат на младите и децата од рана возраст со сите позитивни и негативни страни на социјалните медиуми. Сепак, самите родители честопати немаат доволно знаење и информации за новите медиуми и посочуваат дека децата се постручни од нив. Одговорноста честопати се пренесува на воспитно-образовните институции, а наставниците и учителите посочуваат дека тие самите не се доволно образовани за да ги едуцираат децата во однос на медиумите. Секој може да чека со прекрстени раце за некој друг да направи или преземе нешто или да се обиде да стори сé што е во нивна моќ за да им помогне на децата на најдобар можен начин да се справат со предизвиците со кои се соочуваат секојдневно.
Менталното здравје на децата, предизвик за семејствата
Во своја изјава за Слободен Печат на темата Д-р Петра Темелкова, специјализантка по психијатрија, вели дека здравствените состојби се нарушени кај луѓето особено кај младите бидејќи фокусот на вниманието на сите се токму информациите кои се поврзани со објавите на социјалните мрежи кои најчесто се полни со невистини.
– Во глобала луѓето не можат да проценат што е вистина а што не е. Со тоа логично е тие да наседнуваат на лажните вести и се растрвожуваат бидејќи емотивно ги проследуваат вестите со голема доза на надеж, но и несигурност. Истовремено, преголемата застапеност на лажни информации околу војните во Европа, случувањата со врсничкото насилство во регионот но и економската криза, само дополнително придонесуваат за генерирање недоверба кон се што читаат луѓето на медиумите и социјалните мрежи – посочува таа.