Панче Тошковски / Фото: Слободен печат / Методи Здравев

Дестабилизацијата засега постои само во изјавите на Мицкоски и Тошковски

Партнерите во Владата не се информирани за опасностите за кои зборува премиерот, а од Кабинетот на претседателката Сиљановска Давкова два дена не одговараат дали и тие ги имаат информациите дека ДУИ наесен планира дестабилизација на државата со насилни протести и дали ќе се свика Советот за безбедност

И министерот за внатрешни работи Панче Тошкоски потврди дека постојат информации дека опозициската ДУИ наесен планира дестабилизација на државата со насилни протести затоа што не се во власта, а според него, граѓаните не треба да бидат загрижени за безбедносната состојба во Македонија, затоа што МВР и останатите институции ќе одговорат соодветно во рамки на законските надлежности.

Од Јавното обвинителство сè уште не е изјаснуваат дали преземаат некакви активности во врска со изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, кој неколку дена по ред изјавува дека ДУИ планира дестабилизација и дали тој ќе им даде исказ. Од Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, исто така, два дена молчат дали и тие ги имаат истите информации за потенцијално загрозување на безбедноста и дали ќе го свикаат Советот за безбедност, како што ги повика опозициската СДСМ и експертската јавност, со цел да се расчисти дали има или нема реална закана за мирот и стабилноста. Од Кабинетот само за МИА дале кус одговор „не“ на прашањето дали наскоро ќе се состане Советот за безбедност.

Засега, информациите за наводни планови за дестабилизација наесен ги споделуваат само од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, а останатите коалициски партнери во Владата, „Вреди“ и ЗНАМ не можат да ги потврдат.

Радикализацијата ќе значи крај за ДУИ

Претседателот на ЗНАМ Максим Димитриевски за „Слободен печат“ изјави дека немаат таква информација.

– Ние немаме таква информација, ниту пак управуваме со ресори кои располагаат со такви информации. Најостро осудуваме каков било обид за насилство, затоа што во Македонија сè треба да се случува согласно со законите. Има разни демократски методи со кои можат да се остварат политичките цели – вели Димитриевски.

Според аналитичарот Иво Ранѓеловиќ, премиерот Мицкоски за заканите по безбедноста треба да ги извести сите надлежни институции.

Иво Ранѓеловиќ/Слободен Печат/фото Слободан Ѓуриќ

– Најавите на ДУИ, доколку постојат, се карактеристика на опозиција која нема јасна и конструктивна визија за делување, односно рефлектира опседнатост со власт и ништо друго. Понатаму, ДУИ има вработено сериозен кворум на луѓе во јавната администрација во изминативе дваесетина години, како и неформално помогнато во најмала рака на бројни правни лица низ Македонија, со цел задржување на власт. Тоа значи дека ДУИ мора да бара причина која нема да биде конформистичка, за да ја храни поддршката и логистиката од гореспоменатиот апарат. Исто така, ДУИ нема да ја испушти шансата да го потенцира привилегираниот статус, ако може така да кажам, на албанскиот фактор за време на владеењето на СДСМ. За крај, практично ништо не може да има од посериозна радикализација заради отсуство на поддршка од САД и меѓународната заедница за ваквото нешто затоа што тоа би значело крај за ДУИ, но формално сметам дека премиерот или ВМРО-ДПМНЕ би требало да ги известат сите надлежни институции доколку постојат ваквите изјави и закани, како и претседателот на државата да постапи соодветно – вели Ранѓеловиќ за „Слободен печат“.

ВМРО-ДПМНЕ: Ветингот ви е оправдување за протести

Тошковски во гостување на Канал 5 ги потврди информациите што ги сподели премиерот Мицкоски и нагласи дека граѓаните треба да бидат запознаени со сите факти што се од интерес за јавноста.

– Факт е дека е тешко за некој што 20 години бил на власт да прифати да биде опозиција. Особено тешко е кога знаат дека има огромни индиции што секојдневно стигаат до институции за сторен криминал, душмански насочен кон грабеж на државата и нормално дека ќе бидат вознемирени, ќе реагираат и сето тоа би било нормално доколку го прават во рамки на едни демократски механизми, во делот на протести итн, но не е нормално ако нивната крајна цел е токму дестабилизација – рече Тошковски.

Прашан дали разговарале со коалициските партнери за индициите дека ДУИ подготвува дестабилизација, Тошковски рече дека целта на оваа Влада е да го создаде системот, кој сега е уништен и треба „да се возобнови државата во насока на нормалност и во насока на одговорно и чесно работење“.

Според премиерот Мицкоски, суштината на потезите на ДУИ е да се одбрани стекнатиот капитал, но „не се исклучува можноста некои групи да бидат изманипулирани и да го предизвикаат територијалниот интегритет и суверенитет“.

Од ДУИ вчера по средбата на потесното раководство соопштија дека дискутирале за „лажната пропаганда и обвинувањата за корупција на високо ниво“.

– Како партија, посветени сме борбата против корупцијата да не се претвори во битка за дневни и партиски интереси, туку да служи за откривање на вистината и спречување на овој штетен феномен. Оттука ги повикуваме сите политички партии, особено оние на власт, без одложување да се побара од меѓународната заедница мониторинг за сеопфатен ветинг на сите јавни функционери во последните 30 години. Овој чекор е клучен за зголемување на транспарентноста и враќање на довербата на граѓаните. Одбивањето на ова итно барање ќе покаже не само користење на лажни обвинувања за прикривање на вашата неспособност и коруптивност, туку и недостаток на храброст за соочување со вистината за корупцијата во земјата – соопшти ДУИ.

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска одговорија дека СДСМ и ДУИ пред да зборуваат за меѓународен ветинг, треба да имаат домашна одговорност за сторениот криминал. Портпаролката и членка на ИК на партијата Марија Митева порача дека ниеден обид за дестабилизација нема да успее.

– Од опозиција се загрижени, од власт се недопирливи – вака некако ја замислуваат политиката СДС и ДУИ кои ја ограбија државата и седум години не помислуваа на народот додека се богатеа. Али Ахмети повикува на меѓународен ветинг затоа што мисли дека така ќе се заштити себеси и останатите кои недвосмислено влегуваа во милионски бизниси со нула денари влог? Каде беа СДС и ДУИ седум години да побараат меѓународен ветинг или тогаш милионските тендерите во РЕК, МЕПСО и ЕСМ беа приоритет? Каде беа кога милионски суми се трошеа на набавки на рент-а-кар возила за два дена или кога фирмите блиски до нив го зголемуваа имотот со фотоволтаични централи? Треба да одговорат како се прави империја за седум години власт, а нивниот денешен пристап е обид за политичка амнестија за сторениот криминал. Вистинската желба на СДС и ДУИ не е ветингот туку желба за спас од одговорност. Ниеден обид за дестабилизација на демократијата нема да успее, затоа и СДС треба да излезе од скутот на ДУИ и да знаат дека доаѓа време за одговори и одговорност! – порача Митева.

Марија Митева, ИК на ВМРО-ДПМНЕ / фото: ВМРО-ДПМНЕ

Претходно владејачката партија преку соопштение му порачаа на Ахмети да не се крие зад маневри за ветинзи, со кои ќе го оправда излегувањето на улица.

„Му упатуваме порака на Ахмети. Доаѓа правда во Македонија и ние ќе ви докажеме дека никој не е над законот! Не треба меѓународен ветинг, има закони во оваа земја. Тој што крадел ќе одговара. Ова е првата работа која Ахмети ја фрла во воздух како хемиска бомба која треба да направи триење меѓу власта и опозицијата. И со која Ахмети утре ќе сака да си ги правда постапките за излегување на улица. Зад сето ова лежи само стравот на неколку луѓе од ДУИ кои се спремни на се само да си ја спасат слободата“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ и се додава дека ДУИ се удира во гради со квазипатриотски теми за да ја сокријат нивната вистинска желба за власт и пари.

Од партијата го прашаа Ахмети и дали на протестите ќе носат зелени знамиња како зелена партија во која се ребрендираа откако кажаа дека ги решиле сите етнички прашања или со знамиња на ЕУ како „Европски фронт“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот