Момент од натпреварот во Разград меѓу Бугарија и Македонија во Лигата на нации/фото: EPA-EFE/VASSIL DONEV

Десподов по „петардата“ во Разград: Зошто да не ја победиме и Македонија?

– Македонците ќе го сфатат натпреварот повеќе на политичка основа, а не како фудбалски натпревар – вели напаѓачот на Бугарија, Кирил Десподов.

Во понеделник (26 септември) со почеток од 20.45 часот македонската А репрезентација ќе го игра последниот шести натпревар од групата „4“ од Ц сегментот во Лигата на нации против Бугарија. Информации за влезниците за овој меч на Националната арена „Тодор Проески“ – Скопје ТУКА

И двете селекции, заедно со Гибралтар, ги загубија шансите за првото место, селекцијата на Грузија е таа која ќе се пресели во повисок ранг во натпреварувањето (Лига „Б“) и ќе игра во плеј-офот за пласман на Европското првенство во 2024 година.

Првиот меѓусебен дуел во оваа група одигран во Разград, во рамките од првото коло ремизираа Бугарија и Македонија со резултат 1:1.

Бугарите денеска доаѓаат во Скопје во победничка атмосфера, откако пред два дена во Разград со 5:1 ги декласираа Гибралтарците. На клупата на Бугарија дебитираше новиот селектор, српскиот стратег Младен Крстајиќ.

– Драго ми е што победивме убедливо (против Гибралтар). Амбициозен сум на секој натпревар. Гледате тренерска промена, промена на шема. Има многу дебитанти, млади момци кои сакаат да се докажат. Нормално е. Изгледавме добро, се трудиме да играме брз фудбал. Селекторот бара радикално различни работи, што за ова кратко време ги прифативме и ги направивме во играта.

Има уште работа, нè очекува натпревар во понеделник, кој ќе биде потежок. Македонците ќе го сфатат натпреварот повеќе на политичка основа, а не како фудбалски натпревар. Зошто да не ги победиме Македонците? Ќе направиме добар резултат и ќе ги победиме. Работите ќе се решат. Селекторот се грижи за дисциплината, потребен ни е побрз и подиректен фудбал. Работиме четири-пе дена, не можеме да направиме фудбалско чудо, а луѓето треба да имаат трпение – вели бугарскиот репрезентативец, напаѓачот Кирил Десподов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот