Десничарката кандидатка Валери Пакрес му дише во врат на Макрон/Фото: EPA-EFE/CHRISTOPHE ARCHAMBAULT / POOL MAXPPP OUT

Десничарката Пекрес тврди: Јас сум единствената која може да го победи Макрон на изборите

 Десничарската кандидатка на претседателските избори во Франција, Валери Пекрес, денеска изјави дека е единствената која може да го победи на изборите актуелниот претседател на земјата, центристот Емануел Макрон, доколку тој се одлучи повторно да се кандидира.

-Јас сум единствената која може да го победи Макрон, изјави Пекрес за радио „Франс Инфо”, што организира разговори и јавни презентации за сите кандидати на претседателските избори.

Кандидатката на десничарската партија „Републиканци” (Les Republicains) би можела да влезе во вториот круг од претседателските избори, покажуваат најновите испитувања на јавното мислење.

Според овие истражувања, Макрон би освоил околу 26 отсто од гласовите, додека за второто место би се бореле Валери Пекрес, како и претставниците на екстремната десница Марин Ле Пен и Ерик Земур. Валери Пекрес и Марин Ле Пен би освоиле околу 17, односно 16 отсто од гласовите, а Земур 12 отсто.

Пекрес вети дека ќе биде „претседател диригент”, а не „соло играч”, како што го оценува актуелниот претседател на Франција.

Пекрес беше министерка за буџет во времето на десничарскиот претседател Никола Саркози. Таа беше и советник на десничарскиот претседател Жак Ширак, а минатата година беше споменувана во медиумите како можен нов премиер, пред именувањето на Жан Катекс.

Како што потсети денеска француската онлајн телевизија BFMTV, кандидатите на претседателските избори имаат рок до 4 март да ги соберат потписите. Официјалната листа на кандидати ќе биде објавена на 11 март.

Претседателските избори во Франција ќе се одржат во два круга, на 10 и 24 април.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот