
Десетта награда за играниот филм „Хомо“ на режисерот Игор Иванов – Изи
Македонскиот игран филм „Хомо“ се закити со нова меѓународна награда, овојпат за најдобро сценарио. Најновото признание за филмот „Хомо“ (анг. „Only Human“) во режија на Игор Иванов – Изи доаѓа од Тамил Наду Филм Фестивал, кој се одржа од 10 до 19 август во Ченај – главниот град на најјужната индиска држава Тамил Наду и кој на својата публика ѝ понуди програма од осумдесетина филмови од сите континенти на светот, известија од „Скопје Филм Студио“.
Препорачано
Фестивалското жири на „Хомо“ му ја додели наградата „Златен Козорог“ за најдобро сценарио во рамките на Интернационалната компетитивна програма на игран филм, која прикажа селекција од 19 наслови.
Сценариото за филмот го напишаа Игор Иванов – Изи и Сашо Кокаланов, директор на фотографија е Маја Радошевиќ од Србија, сценограф е Кирил Спасески, костимографијата е на Полонца Валентинчиќ, монтажата на Мартин Иванов, автор на оригиналната музика е Зоран Спасовски.
Во филмот играат Александар Матовски-Цако, Наташа Петровиќ, Игор Ангелов, Јордан Симонов, Мајлинда Косумовиќ од Косово, Сашко Коцев, Оливер Митковски, Сергеј Димовски, Јоана Буковски од Бугарија, Себастијан Каваца од Словенија, Јелена Јованова, Мони Дамевски, Мартин Манев, Славиша Кајевски и други.
Продуцент на филмот е Томи Салковски, а копродуценти се Мирослав Могоровиќ („Арт енд попкорн“, Србија), Галина Тонева („Гала Филм“, Бугарија), Лумбард Кукај („Тригер“, Косово) и Бојан Мастиловиќ („Иридиум Филм“, Словенија), кои добија финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Националниот филмски центар на Бугарија, Филмскиот центар на Србија, Косовскиот центар за кинематографија и од Словенечкиот филмски центар.

Светската премиера „Хомо“ ја доживеа на 51. ГОА ИФФ Индија во 2021 година и до сега беше прикажан на фестивали во Канада, САД, Велика Британија, Австралија, Чешка, Италија, Шпанија, Франција, Романија, Србија, Бугарија, Грција, Турција, Египет.
Учеството на „Хомо“ во рамките на официјалната програма на Тамил Наду Филм Фестивал, каде ја доби својата десетта награда е негово петто фестивалско претставување во Индија. Филмот е дистрибуиран на териториите на Балканот, а од неодамна ѝ е достапен и на публиката во Северна Америка и во Бразил, известија од „Скопје Филм Студио“.