
Десет автори од новата генерација ќе учествуваат на книжевното читање „Тоа сме ние“
Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ на 13 ноември, во бифето на Младинскиот културен центар во Скопје, го организира книжевното читање „Тоа сме ние“ на кое ќе настапат десет млади автори од новата книжевна генерација.
Препорачано
– Што е таа шарена маса што се движи низ градот? Што е тоа што бои и раздвижува? Што е новото на книжевната сцена? Има ли ново? Се случува ли нешто? Што е тоа што гриза, а не боли, што расте и се развива? Што е тоа што е тука, што се чита, што лесно се споделува? ТОА СМЕ НИЕ! Книжевно читање на дел од младата книжевна генерација во Младинскиот културен центар, на Денот на ослободувањето на Скопје, потсетуваме како се обидуваме да ја ослободуваме книжевната сцена! – најавуваат од „Култура Бета“.
На читањето ќе настапат Ивана Јовановска, Моника Стојановска, Ива Петреска, Ангела Бошкоска, Сатја Александар Давитков, Викторија Ангеловска, Стефан Спасовски и Марија Ангеловска, како и Марија Велинова и Андреј Медиќ Лазаревски, кои ќе го модерираат настанот.
Книжевниот настан „Тоа сме ние“ ќе почне во 20 часот, во бифето во Младинскиот културен центар – Скопје.