
Денга, чикунгуња и вирус зика – пристигна предупредување поради болестите што ги шират комарците
Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) минатата недела предупреди на зголемен ризик од болести што ги пренесуваат комарците во Европската унија.
Препорачано
Видот на комарци Aedes albopictus, познат преносител на вирусите чикунгуња и денга треска, се шири понатаму на север и запад од Европа, истакнува ЕЦДЦ. Андреа Амон, директорка на ЕЦДЦ, порача дека во последните години е забележано географско ширење на инвазивни видови комарци во области кои претходно не биле погодени во ЕУ/ЕЕА.
„Ако вака продолжи, можеме да очекуваме повеќе случаи, а можеби и повеќе смртни случаи од болести како што се денга, чикунгуња и вирусот зика, а под одредени околности, и од вирусот на Западен Нил“, предупреди Амон.
Според податоците на ЕЦДЦ, во текот на 2022 година се регистрирани 1.133 случаи на зараза и 92 смртни случаи од инфекција со вирусот на Западен Нил. Италија пријавила најмногу случаи (723).
Западнонилска треска
Најголем број случаи на зараза со вирусот на Западен Нил се пријавуваат од јули до септември.
„Повеќето заразени луѓе се асимптоматски. Кај околу 20-40 отсто од заразените луѓе се појавува болест слична на грип – треска, главоболка, замор, болки во мускулите, гадење, понекогаш осип на кожата. Кај 1 отсто од заразените се појавува тешка форма на болеста која го зафаќа централниот дел на нервниот систем, предизвикувајќи симптоми на воспаление на мозокот и мозочната кора и акутна летаргија“, велат експертите.
Луѓето постари од 60 години со хронични болести и лицата со ослабен имунитет се изложени на поголем ризик да развијат потешка форма на болеста.
Денга треска
Главни преносители на овој вирус се комарците од видовите Aedes aegypti и Aedes albopictus, попознати како азиски тигрести комарци.
Повеќето заболени луѓе немаат никакви симптоми.
Луѓето со клинички развиена болест најчесто се разболуваат од блага форма – денга треска, чиј период на инкубација е од 4-7 дена (3-14), болеста се манифестира со нагло зголемување на температурата во траење од 2 до 7 дена, проследено со главоболка, болка во очните дупки, болки во зглобовите и осип.
Во помалку од 5 отсто од случаите може да се појави потешка форма на болеста во смисла на хеморагична треска и шок, што може да има фатален исход. Десетици милиони луѓе се разболуваат секоја година во светот, а умираат околу 20.000 до 25.000, главно деца.
Чикунгуња
Вирусот го пренесуваат комарци од видовите Aedes aegypti и Aedes albopictus (азиски тигрести комарци). По инкубација од 4 до 8 дена (2-12), болните развиваат висока температура, главоболка, болки во мускулите и силни болки во зглобовите. Половина од заразените развиваат макуло-папуларен осип, кој почесто се појавува кај децата. Можни се крвавења од непцата и петехии на кожата.
Кај 30 до 40 отсто од заразените, болките во зглобовите може да останат присутни долго време, понекогаш со години. Луѓето постари од 65 години и хроничните болни имаат поголем ризик да развијат потешка клиничка слика. Трудниците кои ја развиваат болеста во последната недела пред породувањето можат да го пренесат вирусот на фетусот.
Во тропските предели, мал број луѓе (особено деца) може да развијат тешка хеморагична температура или синдром на денга шок, кој може да биде фатален.