Денеска се празнува Свети Епифаниј, епископ Кипарски

Фото: Свети Епифаниј, епископ Кипарски

Роден како Евреин, но кога ја виде силата на Христовата вера, се крсти заедно со сестра му, Калитропија. Во неговата дваесет и шеста година се замонаши во манастирот на Свети Иларион. Подоцна основа засебен манастир, од каде што се прочу по сета Палестина и по сиот Египет заради своето подвижништво, духовна мудрост и чудотворство. Бегајќи од човечка слава се оддалечи во Египет. На патот се сретна со великиот Пафнутиј, којшто му прорече дека ќе биде архијереј на островот Кипар. И навистина, по повеќе години, по Божја Промисла, Епифаниј дојде на Кипар, каде што ненадејно го избраа за епископ во градот Саламина и како епископ управуваше со Црквата Божја педесет и пет години. Живееше на земјата сè на сè сто и петнаесет години и се упокои од овој живот за вечно да живее во Царството Христово. Пред смртта беше повикан во Цариград од царот Аркадиј и жена му Евдоксија, на собор на епископи којшто требаше, според желбата на царот и царицата, да го осуди свети Јован Златоуст. Граѓаните слушнаа, слушна и Златоуст, како божем Епифаниј да се согласил со царот против Златоуст. Затоа Златоуст му напиша писмо: „Брате Епифаниј, чув дека си го посоветувал царот да бидам прогонет. Знај дека ни ти веќе нема да го видиш твојот престол“. На тоа Епифаниј му отпиша: „Страдалнику Јоване, одолевај им на навредите, знај дека и ти нема да стасаш до местото каде што те гонат“. И обете светителски пророштва се обвистинија набрзо: не сакајќи никако да се согласи со царот околу прогонството на Златоуст, Епифаниј тајно седна на кораб и тргна за Кипар и на бродот умре, а Златоуст беше протеран од царот во Ерменија и тој по патот умре. Свети Епифаниј се упокои во 403 година. Од многубројните негови дела најпознато е „Ковчежето“ (на грчки „Панарион“), во коешто се изложени и побиени осумдесет ереси.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот