
Демократски сојуз: Ги осудуваме изјавите на албанските партии за дестабилизација на Македонија
Демократскиот сојуз ги осудува изјавите на водствата на Алијанса, Алтернатива и ДУИ, за дестабилизација на Македонија, формирање на заедница на општини со доминантно албанско население, децентрализација по примерот на Заедницата на општини на Србите во Косово, велат од партијата.
Препорачано
Според нив, оваа реторика преставува сериозна закана за меѓуетничките односи, прикривање на криминалот и директно ги загрозува евроинтеграциските перспективи на Македонија.
Дестабилизацијата на Македонија ќе значи и дестабилизација на Балканот што е главна стратегија и цел на Русија, како и на националистите во Бугарија. Компарацијата со Косово е апсолутно неточна и нема никакви сличности, велат од Демократскиот сојуз.
Додаваат дека конфликтот во 2001 година ја вратил Македонија дваесет години назад и од тие причини доцниме со членството во ЕУ и НАТО.
Во 1999 година НАТО интервенцијата беше двонасочна, да се сруши режимот на Милошевиќ и на Косово да се формира нова држава, во рамките на автономната покраина Косово и Метохија, која беше дел од Србија. Македонија беше главен логистички центар на НАТО, но тоа не им сметаше на УЧК, во 2001 година да отворат војна во Македонија со територијални барања, а покасно, под притисок на САД, да ги трансформираат во барања за човекови права, се вели во соопштението.
Апелираат на трезвеност и одговорност, почитување на различностите и јакнење на демократските институции, борба против корупцијата, како и внатрешна кохезија и стабилност.
Македонија е унитарна држава во која сите етнички заедници ги уживаат сите права и слободи и така ќе остане, додаваат од Демократскиот сојуз.