
Дело на швајцарски нутриционист: Рецепт за овесна каша што заситува до пладне
Бирхер мусли (Bircher muesli), познато и како швајцарска овесна каша, го добива името од својот творец – д-р Максимилијан Бирхер-Бенер, швајцарски нутриционист и лекар кој ја осмислил оваа каша околу 1900 година како лековит оброк за своите пациенти, пишува „Пун кофер“.
Препорачано
Богаташи, уметници, музичари, политичари и други припадници на општествената елита доаѓале во неговата клиника, сместена во природа недалеку од Цирих, со цел да се ресетираат, да ослабат, да излечат разни тегоби или да се вратат во форма.
Иако самиот Бирхер се борел со престанување со пушење, се потпирал на здрава исхрана, физичка активност и престој на свеж воздух. По утринска прошетка низ шума, пациентите појадувале негово јадење од овес, јаболка, млеко, јаткасти плодови и лимонов сок.
Се вели дека инспирацијата за овој оброк ја добил додека планинарел низ швајцарските Алпи. Лесен за варење и без состојки што предизвикуваат нагли падови на шеќерот, овој алпски појадок нè држи сити и расположени долго време, без нездрави додатоци. Оригиналниот рецепт со текот на времето добил многу варијации, со додавање суво овошје, семиња и засладувачи.
Потребни состојки:
- 80 г овесни снегулки
- 2 лажици рендан кокос
- 1 лажица чиа семе
- 1 лажица ленено семе
- Прстофат сол
- 1 лажица семки од тиква
- 3 лажици суви брусници
- 1 1/4 шолја бадемово млеко (или друго по избор)
- 1 шолја обичен или јогурт со кокос
- ½ до 1 лажиче природен екстракт од ванила
- 1 лажица мед (или повеќе по вкус)
- 1 големо „Грени смит“ јаболко
- 1/4 шолја сечкани ореви или бадеми
Подготовка:
Во голема чинија измешајте ги овесните снегулки, кокосот, семињата, солта и брусниците. Додадете млеко, јогурт, ванила, мед и рендано јаболко, па сè добро измешајте. Покријте ја смесата со фолија и оставете да стои најмалку 1 до 2 часа или преку ноќ.
Следниот ден, доколку е потребно, додадете уште малку млеко или јогурт за да ја разредите смесата и уживајте во здрав и заситувачки оброк!