
Делата создадени на уметничката колонија „Арт поинт – Гумно“ ќе може да се видат во село Слоештица
Меѓународниот центар за уметност и одржлив развој на 13 септември во „Арт поинт – Гумно“ во с. Слоештица, Демир Хисар, во периодот од 12 до 20 часот, организира отворено студио, каде љубителите на уметност ќе можат да ги видат делата создадени за време на годинашната уметничка работилница.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Петмина врвни уметници од светот творат скулптури, слики и инсталации во уметничкото гумно во с. Слоештица во периодот од 1 до 14 септември. Темата што е нивна инспирација оваа година е со наслов „Нурни се во зелената“.
Зелената магија на горен Демир Хисар придонесе да се создадат фасцинантни дела што љубителите на уметност ќе имаат можност да ги видат во сабота, а истовремено, посетителите ќе можат да се запознаат и со уметниците.
На меѓународната уметничка колонија „Арт поинт – Гумно 2025“ гостуваат и творат: Надја Тауфик од Египет / Финска, Михај Варга и Чаба Шанта од Трансилванија, Романија, Недим Хаџи Ахметовиќ – Мафа од Србија и Кристина Кандрикова од Словачка.
– За првпат во Слоештица имаме гости од Египет и од Трансилванија, Романија. Надја Тауфик е визуелна уметница којашто живее на релација Египет – Финска. Нејзините дела се наоѓаат во бројни приватни и музејски колекции, добитник е на повеќе национални награди. За време на колонијата во Слоештица, таа работи пејзажи инспирирани од опкружувањето.
Ексклузивно, за првпат во Македонија, имаме двајца големи претставници на народот Секели (унгарско племе населено во Трансилванија, Романија), познатите скулптори: Михај Варга и Чаба Шанта. Обајцата имаат импресивни биографии и монументални скулптури во јавни простори во повеќе земји. Шанта работи главно во бронза, создава стилизирани форми инспирирани од надреалниот свет, а Варга е длабоко поврзан со дрвото и создава апстрактни скулптури.
Недим Хаџи Ахметовиќ – Мафа е професор на катедрата за скулптура на ФУ во Косовска Митровица и е уметник со интернационална кариера со преку 100 монументални скулптури во јавни простори низ целиот свет. Неговите скулптури симболизираат помирување помеѓу класичната и постмодерната форма на изразување. Воедно, тој е и музичар и пишува есеи.
Особено се радуваме кога кај нас гостуваат талентирани млади уметници. Иако млада, Кристина Кандрикова од Словачка е веќе зрел уметник. Таа зад себе веќе има 19 самостојни изложби и учествувала на повеќе од 20 групни изложби во Словачка, Чешка, Полска и Индија – истакнува Сергеј Андреевски, куратор на уметничката работилница.