
ЦДЦ предупредува: Децата и тинејџерите масовно се предозираат, купуваат фалсификувани опијати
Предозирањето со дрога кај младите на возраст од 10 до 18 години се зголемило повеќе од двојно во САД меѓу 2019 и 2021 година, според студијата објавена вчера од здравствените власти, кои конкретно предупредија на ризиците од фалсификуваните таблети што содржат фентанил.
Препорачано
Просечната месечна стапка на предозирање кај адолесцентите се зголемила за 109 отсто помеѓу 2019 и 2021 година, објави Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ). Бројот на предозирања со нелегално произведен фентанил пораснал за 182 отсто. Употребата на недозволени дроги меѓу адолесцентите се намалила во истиот период, што укажува на тоа дека порастот на смртните случаи најверојатно се должи на посилните дроги, а не на почестата употреба, се наведува во студијата.
Фентанил, ултрапотентен синтетички опијат кој создава зависност, лесно се произведува во лабораторија по ниска цена. Тој го преплави американскиот пазар во последниве години. Според студијата, околу една четвртина од предозирањето кај адолесцентите биле поврзани со фалсификувани таблети кои често се продавале како лек против болки или како лек за анксиозност.
Веројатно станува збор и за поголем број бидејќи таблетите пронајдени на местото на предозирање не се секогаш анализирани.
„Пролиферацијата на фалсификувани таблети е особено загрижувачка со оглед на тоа што маркетингот е насочен кон тинејџерската популација и дека таквите таблети се достапни преку социјалните мрежи“, се вели во извештајот на ЦДЦ.
„Не е јасно дали адолесцентите имале намера да земаат легитимни фармацевтски лекови или биле свесни дека таблетите се фалсификувани“, се наведува во извештајот. Според извештајот, пријавени се вкупно 1.808 предозирања кај адолесцентите помеѓу јули 2019 и декември 2021 година во 31 американска држава.
Просечната месечна стапка на смртност била 32,5 помеѓу јули и декември 2019 година. Тоа скокнало на 68 месечно во истиот период во 2021 година, што претставува зголемување од 109 отсто.
„Потребни се итни напори за да се спречат смртни случаи од предозирање меѓу адолесцентите“, предупреди ЦДЦ.
Меѓу потребните мерки ЦДЦ го наведе зајакнувањето на превентивните кампањи кои предупредуваат на опасноста од фалсификуваните таблети, но и ги освестуваат адолесцентите за постоењето на тестови за откривање на присуство на фентанил. Исто така, се препорачува и едукација на младите за противотровот налоксон, кој може да ги блокира ефектите на опијатите и кој може да се користи во случај на предозирање.