Дебатата падна во вода, сега поткастот е во мода

Бујар Османи ја покани Гордана Силјановска Давкова да гостува на неговиот поткаст на разговор на тема интеграција и изолација на државата, а таа му одговори дека прифаќа дебата, но со сите седум кандидати.

Откако седумте претседателски кандидати не смогнаа храброст да се соочат барем на една дебата за граѓаните полесно да се определат за кого ќе го дадат својот глас на првиот круг на претседателските избори (24 април), сега некои од нив почнаа да канат противкандидати по свој избор, и тоа на теми и места што тие ги избрале.
Претседателскиот кандидат на Европскиот фронт Бујар Османи упати јавна покана до Гордана Силјановска Давкова, кандидатка за шефица на државата од ВМРО-ДПМНЕ, и тоа, на неговиот поткаст и само за темата интеграција и изолација на државата.

Силјановска Давкова го ословува Османи како медицински политичар и политички лекар

Силјановска му одговори дека прифаќа дебата, но со сите седум кандидати на која граѓаните ќе одлучат кого од кандидатите ќе сертифицираат во предиграта, во премиерата и што ќе се случува во вториот дел од политичката игра. Таа го ословува Османи како медицински политичар и политички лекар.

– Ја повикувам госпоѓа Силјановска Давкова да се појави на дебата со мене, да ги соочиме аргументите за граѓаните да донесат одлука, да разговараме за сите аргументи за овие две алтернативи – интеграција наспроти изолација. Вие знаете дека прекршување на Преспанскиот договор, на Договорот за добрососедство и прекршување на Охридскиот договор уште првиот ден ќе донесе изолација на државата, ќе станеме слепо црево на Балканот, ќе почнат тензиите во односите. Заборавивме на тепачките по автобусите, по училиштата… Овој дух што го промовира „дајте ми 61 за да не зависиме од Албанците, Турците, од Ромите…“ е само обид за супремација на една заедница врз друга. Такви филмови на супремација сме виделе од Втората светска војна, па навака – рече Османи во повикот до Силјановска за дебата.

Бујар Османи, конвенција Фото: Османи Фејсбук

Според Османи, не смееме поради кој било партиски или политички интерес да ги жртвуваме столбовите врз кои почиваат стабилноста, хармонијата и прогресот на држава, а тоа се меѓуетничките односи, добрососедството и евроатлантската интеграција. Тој смета дека за нив мора да се постигне консензус и дека не смеат да бидат тема на овие и на кои било избори.

– Тоа го барам од оваа кампања. Барам дебата за двете алтернативи да ги соочиме пред граѓаните и ја повикувам Силјановска Давкова во мојот поткаст, ако има проблеми во медиумите да има само двајца кандидати. Еве, нека дојде на мојот поткаст и ќе ги аргументираме сите наши разлики за двата концепта што им се нудат на граѓаните на овие избори – рече Османи.

Силјановска му одговори на Османи во контекст на едно од неговите програмски определби – политичарите, судиите и обвинителите да може да бидат на функција само ако добијат сертификат од меѓународен борд за ветинг, составен од експерти од САД, НАТО и од ЕУ.

Гордана Силјановска, претседателски кандидат Фото: Фејсбук Мицкоски

– Ако е ова една модерна колонија, еден протекторат, во кој е важен сертификатот однадвор, што би рекол еден медицински политичар или политички лекар кој за себе мисли дека е европски претседател. Такво нешто не постои. Па, сега слушам и тој фрлил ракавица и ме предизвикува на двобој. Човекот нема поим за тоа што го зборува. Замислете што му е најважно? Сертифицирани да биле политичарите. А, кој го дава сертификатот? Вие, граѓаните, народот! Е, па, да видиме дали ќе добие сертификат. Нека дојде на дуел со сите кандидати, па да видиме кого ќе го сертифицираат во предиграта, во премиерата, па за да знаеме што ќе се случува во вториот дел од политичката игра – одговори Силјановска Давкова на повикот на Османи за дуел.

Речиси е извесно дека претседателските кандидати Османи, Силјановска Давкова, Стево Пендаровски од СДСМ, Билјана Ванковска од Левица, Максим Димитриевски од ЗНАМ, Арбен Таравари од коалицијата Вреди и Стевчо Јакимовски од ГРОМ нема предизборно да се соочат. Единствено телевизиско соочување имаше меѓу Османи и Таравари.
Иако сите кандидати првично прифатија да се соочат на две мастер-дебати што требаше да се одржат на почетокот на претседателската кампања и пред гласањето на 24 април, потоа од изборниот штаб на Пендаровски информираа дека дебати ќе нема, бидејќи немало услови. Пропаднаа и обидите на некои телевизии да ги соочат претседателските кандидати на дебата.

Навреди и сарказам

Наместо на дебата, противкандидатите пораки, но и навреди, сарказам и омаловажувања си испраќаат од митинзите и се расправаат кој кого навредил и бараат меѓусебни извинувања. ВМРО-ДПМНЕ го повика Пендаровски да ѝ се извини на Силјановска и побара одговорност за сексистичките навреди од активист за кој велат дека е од СДСМ, по што од штабот на Пендаровски и неговата сопруга Елизабета Ѓоргиевска порачаа дека осудуваат секаков вид омраза, навреди и клевети.
Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, смета дека Пендаровски можел да го запре својот активист и веднаш да се извини, но тој тоа не го сторил.

Од СДСМ возвратија дека очекуваат ВМРО-ДПМНЕ да се огради од коментарите на нивната кандидатка против претседателот на СДСМ, а е коментар што е навреда за жена, за навредите за министерката за одбрана Славјанка Петровска и вицепремиерот Бојан Маричиќ.

претседателски кандидати Фото: Фејсбук

Ванковска, пак, преку Фејсбук на Силјановска ѝ порача утринското кафе на една телевизија да не го брои за дебата.

– Се изненадив кога чув дека она наше утринско кафе било дебата!?! Јас го сметав за забавна програма. Го повикуваш Стево на серија дебати! А не го почитуваш. Повикај ме мене! Еве, сега кога е јасно дека соочување нема да има, те поканувам не на кафе, туку на една единствена дебата. До вчера велеше дека ова била твоја емоционална (!?) желба да разговараме ад рем, а не ад хоминем (нешто што сега се води меѓу вашите два табори). Арно ама, науката и твојот научен сенс ти кажувал дека наспроти тебе ќе бил Стево! Ајде да го смениме тоа! Притоа не условувам како твојот тим и барам фаталистички услови: или седум или јок дебата – напиша Ванковска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот