Илустрација „Слободен печат“/Елисавета Бејкова
Илустрација „Слободен печат“/Елисавета Бејкова

Дебакл: „Не праќајте пациенти на КАРИЛ“, им напишал Таравари на директорите на болниците од внатрешноста, каде не постои интензивна нега

Власта направи преседан и за првпат во историјата на Македонија ги остави најкритичните пациенти во субстандардно интензивно лекување и без можност да добијат најспецифична интензивна нега, поради реновирање кое може да потрае и 9 месеци според договорот што го склучиле, а за кој не ја информираа јавноста.

„Слободен печат“ обезбеди документација од која се гледа дека министерот за здравство. Арбен Таравари пред една недела им забранил на сите болници во државата да испраќаат пациенти на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување додека трае реновирањето. Ова се однесува и на болници што немаат никаква интензивна нега. КАРИЛ е болницата што е разлика меѓу животот и смртта – таму се пациентите на кои им треба критична поддршка, подложени на операција или пак тие што се соочуваат со состојби опасни по животот.

-Во периодот на реконструкција, а започнувајќи од 15.02.2025 година, КАРИЛ ќе работи со намален капацитет и неопходно е вашата установа да не врши препраќање на пациенти за интензивна нега на КАРИЛ и во периодот на реконструкција на оперативниот блок во хируршките клиники да не се планираат реконструкции на операциони сали во другите објекти.

Во разговор со четворица директори на болници од внатрешноста, сите потврдија дека го добиле напатствието од Таравари и сите четворица рекоа дека – не добиле упатство за алтернатива, односно ако дојде пациент со повеќе скршеници, ќе мора да се третира во самата болница од внатрешноста. Дел од директорите му се заблагодаруваа на Бога што не им дошол таков пациент што би морало да биде третиран на КАРИЛ и истакнуваа дека имаат 2 респиратори во интензивната нега и персонал. Таравари не им дал упатства ни на болниците што воопшто немаат интензивна нега каде да ги праќаат пациентите на кои ќе им затреба вакво лекување. Сепак, директорите не сакаа да ја критикуваат власта и замолија да не бидат цитирани.

Извори од политичката партија „Левица“ пак со „Слободен печат“ споделија дека до нив пристигнале поплаки од вработени во болниците од внатрешноста. Во една од нив пишувало:

-Со овој допис на докторите им се налага да лекуваат и поли-трауми и други тешки случаи од сообраќајни несреќи. Ова и во воени услови не е нормално. Напоменувам дека 90 проценти од болниците во внатрешноста немаат интензивна нега. 

Поранешниот министер за здравство Венко Филипче кој исто така е хирург, ни изјави дека овој проект не смеело да се почне вака, непланирано и дека следуваат катастрофални месеци за пациентите благодарение на тоа што не е обезбедена алтернатива, туку само е наложено пациентите од внатрешноста да не се праќаат на КАРИЛ. И во времето кога тој бил министер имало проект за реновирање на КАРИЛ, ама Филипче не го спровел од причина што нема каде да одат тие критични пациенти.

-Апсолутно е потребна алтернативна шок-соба за најтешките пациенти. Ова не смеело да се почне непланирано. КАРИЛ не смее да биде со намален капацитет ниту еден ден ако нема алтернатива, а во моментов нема. Таму се третираат најтешките пациенти од секаде. Ќе биде страшно ова, прав дебакл. И во нормални услови на КАРИЛ се поставуваат попречни кревети, односно се бара кревет повеќе, а сега – ќе биде страшно. Дополнително, огромен е ризикот ако се користи собата за будење со истата што е за интензивна нега која е во склоп на оперативните сали, тоа ќе биде дебакл зашто е огромен ризикот од инфекции. Никаде во државата не постои интензивна нега на тоа ниво како на КАРИЛ, освен во ГОБ „8 Септември“ ниту таква комплексна експертиза. Ова е опасен преседан, ни рече Филипче.

Директорката на КАРИЛ, д-р Марија Срцева ни рече дека во моментов 8 пациенти се примени, меѓу кои има еден од Куманово и еден од Кавадарци. Додаде дека имало план да се препраќаат пациентите во ГОБ „8 Септември“ и во градската болница во Скопје и на Клиниката за неврохирургија.

Од Министерството за здравство велат дека согласно изготвениот интерклинички план, овие јавни здравствени установи ќе преземат точно утврден број пациенти, со заеднички договор со јавните здравствени установи. Ниеден од директорите со кои разговараше „Слободен печат“ не беше информиран за „планот“.

Оваа капитална инвестиција е од национален интерес и првпат од основањето на клинички центар се пристапува кон темелна реконструкција на КАРИЛ, велат од Министерството за здравство.

Укажувањето да не испраќаат пациенти на КАРИЛ добиле директорите на болниците во Штип, Тетово, Битола, Кичево, Кочани, Велес, Охрид, Струмица, Прилеп, Гостивар, Куманово, Кавадарци, Гевгелија, Дебар, Струга, „Еразмо“ Охрид, костозглобната болница во Охрид, како и градската болница и  ГОБ „8 Септември“ во Скопје.

 

Договорот за реновирање на КАРИЛ се однесува на „проектирање, ревизија и изведба на реконструкција и реновирање на операциони сали, нивни пред-простории и ходници со машински соби во хируршките клиники по принципот клуч на рака“.

Тендерот од 282.610.000, 00 денари го добил изведувачот „Стентон градба ДОО“ с. Долно Оризари Битола, а договорот е склучен на 10 декември лани. Изведувачот е должен да ја изработи проектната документација во рок од 3 месеци по потпишување на договорот и да ги изведе градежните работи во рок од 9 месеци од денот на одобрувањето на проектната документација. Вкупниот рок за проектирање и изведување и завршување на целиот објект е максимални 12 месеци. Рокот од 12 месеци се смета од денот на вовед во работата, а во истиот нема да биде вклучен рокот во кој изведувачот ќе чека одобрување на проектната документација.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот