Фото: Facebook

Интервју со Дарко Илиевски: Изминатата 2024 година ми беше една од најубавите години, ми се роди ќерка и ослабев 65 килограми

Започна ново поглавје во нашите животи, Нова година, нова надеж, предизвици, желби. Новогодишна еуфорија, божиќните празници и честитки проткаени со позитивни желби нè тераат да сфатиме дека оставивме уште една година зад нас, а со тоа и да се запрашаме, дали сме ги реализирале нашите цели.

Откако ќе направиме една анализа на сè она што сме го поминале, најчесто следи прашањето, која е нашата главна цел во оваа нова година. Токму овој период е одличен да сфатиме што е она суштинското што ќе го направи нашиот живот посреќен и поисполнет во 2025 година.

На оваа тема разговараме со пејачот Дарко Илиевски, кој се прослави со шоуто „Идол“, а во екот на најголемата популарност се пресели во Америка. Тој се ожени со Ивана со која ги имаат сдве деца, а со кои веќе неколку години живеат на Флорида.

Која е твојата прва асоцијација кога ќе се спомене Нова година и божиќните празници?

Во детството, тоа беше магијата на исчекувањето на Дедо Мраз – вербата дека доброто однесување ќе донесе подароци. Подоцна, во професионалниот живот, овој период беше исполнет со подготовки за новогодишни забави. Денес, мојата асоцијација е домашната топлина, моментите со семејството и создавањето нови спомени.

Која приказна или случка од детството ти буди убави чувства кога е во прашање овој период од годината?

Секогаш ќе ја паметам радоста кога заедно со семејството ја китевме елката. Секој украс имаше своја приказна, а најубаво беше моментот кога светлината во собата ќе се изгаснеше, оставајќи ги само трепкачките светилки да создаваат магија. Посебно се сеќавам на новогодишните панаѓури во центарот на Скопје и вкусните француски крофни.

Кој денес ги исполнува твоите желби, а не е Дедо Мраз?

Мојата сопруга. Таа има неверојатна способност да знае што ми треба, дури и пред јас да го сфатам тоа.

Што ти ја одбележа 2024 година?

Оваа година беше посебна поради доаѓањето на свет на мојата ќерка Ана – момент кој нема цена. Покрај тоа, ја прифатив улогата на лидер во тимот, што беше голем професионален предизвик. Успеав и да ослабам 65 килограми, а се вратив и на мојата голема љубов – музиката, со организирање забави во Америка.

Фото: Facebook

Која „лекција“ ја научи?

Научив дека трпеливоста и упорноста секогаш се исплатуваат. Големите работи доаѓаат со време и истрајност.

Што најмногу, а што најмалку ти се допаѓа во Скопје овој период од годината?

Најмногу уживам во времето поминато со родителите и пријателите, бидејќи тоа ми носи чувство на дом и топлина. Најмалку – загадениот воздух, дупките на улиците и студеното време.

Со кого и каде ќе ги поминеш овие празници?

Нова година и Божиќ ќе ги поминам дома со семејството и пријателите, а за православната Нова година планираме најголема балканска забава во Хард Рок, Мајами.

Дали има нешто што си вети дека нема да го повториш оваа 2025 година?

Си ветив дека никогаш повеќе нема да дозволам повторно да качам килограми.

Која е твојата порака до читателите за оваа 2025?

Земете лист хартија и напишете ги сите ваши цели за оваа 2025 година. Работете кон нив со истрајност – успехот ќе биде неизбежен. Ви посакувам здравје, љубов и многу успех во новата година!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот