
Данска убива 17 милиони куни поради страв од мутирање на коронавирусот!
Поради мутациите на коронавирусот, кои преминале на 12 лица, Данска ќе убие 17 милиони куни.
Препорачано
„Имаме голема одговорност кон сопственото население, но со мутацијата која е сега пронајдена, имаме уште поголема одговорност и за остатокот од светот“, изјави премиерката на Данска Мете Фредериксен. Премиерката изјави и дека мутираниот вирус претставува „ризик за ефикасноста“ на идната вакцина против короната.
Случаите на коронавирусот се откриени на фармите во Данска и во други делови на Европа пред неколку месеци.
Шпанија во јули истреби 100.000 куни откако се откриени случаи на коронавирус на фарма во провинцијата Арагон, а десетици илјади животни се усмртени во Холандија по избивање на заразата на тамошните фарми.
И хрватскиот научник и епидемиолог Игор Рудан преку Фејсбук предупреди на ситуацијата во Данска. Ова е неговата објава:
„Се надевав дека ова е сепак лажна вест, ама изгледа дека не е. Значи, на северот на Данска, која е најголем светски извозник на крзно од канадска куна (нерц), дванаесет лица се заразија со варијанта на новиот коронавирус, кој претходно поминал од луѓето на куните, па мутирал кај куните и сега повторно ги заразил луѓето. Напоменувам дека е важно сето тоа уште еднаш да се провери, но приказната ја пренесоа New York Times, Financial Times и Al Jazeera, кои обично се многу внимателни.
Првите извештаи на данските епидемиолози зборуваат за нивната голема загриженост, бидејќи новата варијанта на вирусот наводно го ослабува создавањетоо антитела, иако сѐ уште не им е јасно како. Ќе треба сега да ги причекаме нивните извештаи и да дознаеме повеќе околу тоа. Се стравува дека така мутирана варијанта би можела да ги поткопа досегашните напори за производство на вакцина во светот, бидејќи вакцините кои моментно се испитуваат, не би нѐ штителе од неа“, напиша Рудан.
„Научниците допрва треба да добијат податоци за новата варијанта на вирусот“
„Така таа нова варијанта на вирусот, барем начелно, би можела да поттикне сосема нова пандемија. Напоменувам уште еднаш, во светот на досегашните искуства, дека ова засега се само начелни можности, а никако докажани. Вирусот постојано мутира и во луѓето, од самиот почеток наведував дека би можел да мутира и во смисла на поголема или помала брзина на ширењето, како и поголема или помала патогеност.
Сепак, додека ширењето меѓу луѓето се трудиме да го контролираме и постојано да ги проучуваме мутациите што се собираат во текот на пандемијата, никому не му е пријатно да дознае дека тој неконтролирано се шири и меѓу милионите единки на некој друг вид, па потоа повторно може да скокне назад на нас.
Тоа го прави грипот, па затоа секоја година чекаме каква нова варијанта ќе нѐ снајде. Научниците допрва треба да добијат податоци за новата варијанта на вирусот од Данска на увид, но колку е сериозно сфатен овој епидемиолошки инцидент зборува тоа дека данската влада, која моментно е во самоизолација, одлучила за неколку дана да ги убие сите 17 милиони канадски куни во Данска, а на одгледувачите да им ја надомести штетата.
За сѐ да биде уште понепријатно, заразата на куните со коронавирус била пријавена уште ова лето во Шпанија, а последниве недели и на фармите во Холандија и во американските држави Јута и Висконсин. Новиот вирус, очигледно пронашол уште еден природен резервоар во кој ќе може да мутира па потоа повторно да нѐ напаѓа со нови варијанти. Тоа, за жал, за нас не е добра вест, а уште полоша за канадските куни“, заклучува Рудан.