
Дали зимското сметање на времето им влијае на вашите миленици?
Дали и на кој начин зимското и летното сметање на времето влијае на домашните миленици? Напролет губиме еден час, а на есен добиваме еден час. Ова е стресно за нас, но и за нашите кучиња и мачки, пишува „Телеграф“.
Препорачано
Домашните миленици се суштества од навика – кога времето се менува, можеби ќе треба да ја промените нивната рутина, што малку ќе ги збуни. Сепак, постојат неколку едноставни работи што можете да ги направите пред или веднаш по промената на времето.
Во последната недела од октомври, часовниците се враќаат назад и потоа „добиваме“ 60 минути повеќе. Повеќето сопственици на домашни миленици имаат одредена рутина, која е одлична за животните, бидејќи знаат што и кога прават во текот на денот, што им го намалува стресот.
Па, како да му помогнете на миленикот да се навикне на новите промени? Дозволете кучето или мачката полека да се прилагодат на новото време. Ова не е проблем за мачките кои најчесто седат во затворени простории, не одат на прошетки за да извршат физиолошки потреби и немаат потреба да бидат активни како кучињата. Кога станува збор за малите миленичиња, како зајак или хрчак, главната рутинска промена на која ќе треба да се навикнат е поместеното време на хранење. Меѓутоа, со мачките, особено со кучињата, ситуацијата е поинаква.
Ако сте навикнати да го пуштате вашиот миленик да влезе или да излезе наутро, ќе треба да го правите тоа во исто време (што сега ќе биде еден час порано), за да спречите незгоди при извршувањето на физиолошките потреби. Соодветно на тоа, обидете се да ја преместите утринската рутина на вашето домашно милениче 10 минути подоцна секој ден, додека не го надополните дополнителниот час – ова функционира и за вечерните навики, хранењето и времето за играње. Во зависност од вашата рутина, можеби ќе ви биде полесно да ја започнете рутината неколку дена или една недела пред да се смени часовникот, за да не морате да станувате порано.
Ако вашиот домашен миленик не стигне да ја изврши својата утринска физиолошка потреба надвор, туку дома, не го карајте или не го казнувајте миленикот. Нашите миленици не разбираат зошто времето е променето, но ќе се прилагодат на него за неколку дена.