
Дали семејната расправија ќе заврши? Принцот Хари е во Кларенс хаус, се виде со кралот Чарлс по повеќе од година
Британскиот принц Хари пристигна во Кларенс хаус за да се сретне со кралот и неговиот татко, Чарлс Трети, кој боледува од рак. Тој беше виден како пристигнува со автомобил во резиденцијата на кралското семејство во Лондон, на 10 септември околу 17:20 часот по локално време.
Препорачано
Ова ќе биде нивна прва средба по повеќе од една година, пренесува „Скај њуз“.
Последниот пат кога таткото и синот се видоа беше во февруари 2024 година, кога војводата од Сасекс отпатува за Лондон откако монархот објави дека се лекува од рак.
Принцот Хари моментално е во Велика Британија, а претходно во среда го посети Центарот за студии за повреди од експлозија на Империјал колеџ во Лондон, институција со која има блиски врски. Откога се врати во Велика Британија, војводата организираше низа настани.
Тој го започна својот четиридневен работен престој оставајќи цвеќе на последното почивалиште на неговата баба, кралицата Елизабета Втора, за да ја одбележи третата годишнина од нејзината смрт.
Војводата останува отуѓен од својот постар брат, принцот од Велс, кој во среда отпатува во Кардиф за да се сретне со центар за ментално здравје на Светскиот ден за превенција од самоубиства, без можност двајцата да се сретнат.