Jesse A. Fernandez / Zuma Press / Profimedia

Дали Хемингвеј навистина ја напишал најкратката приказна на светот од само шест збора?

Ернест Хемингвеј беше еден од најзначајните американски писатели на 20 век. Познат е по својот препознатлив, концизен стил на пишување, кој подоцна станал познат како „теорија на ледениот брег“ (iceberg theory) – каде најголемиот дел од значењето е скриено под површината.

На денешен ден, 2 јули 1961 година, Ернест Хемингвеј извршил самоубиство.

Легендите што го следеле Ернест Хемингвеј се интересни како и заплетите на неговите романи.

„На продажба, бебешки чевли, никогаш неносени.“ (“For sale, Baby shoes, Never Worn.”)

Ова е приказна што е толку кратка што може да биде само наслов, а сепак остава впечаток на длабочина и трагедија. Наводно потекнува од 1920 година и се користи како потврда за извонредниот талент и духовитоста на Хемингвеј. Исто така, поттикнала бројни обиди да се пишуваат приказни со само шест збора, таканаречената „блиц“ или „ненадејна фикција“, давајќи само дел од приказната, но со тој дел поттикнувајќи многу повеќе.

Се верува дека оваа конкретна приказна е напишана на салфетка во ресторанот „Лучоу“ на Менхетен, додека друга верзија вели дека е напишана во хотелот „Алгонкин“, каде што круг њујоршки интелектуалци (познат како Тркалезната маса Алгонкин) се собирале да разговараат – и да се напијат по некоја – за време на ручекот.

Наводно, оваа приказна е резултат на облог помеѓу Хемингвеј и неколку други писатели кои се забавувале играјќи си со зборови за време на ручекот. Хемингвеј побарал од секој колега да вложи по 10 долари. Неговата задача била да ја напише најкратката приказна.

Хемингвеј земал салфетка од масата и на неа напишал шест збора.

Не ги прочитал на глас, туку им ја дал на другите да ја прочитаат. Кога салфетката поминала низ целата маса, сите се согласиле дека 6 збора се апсолутно доволно за да се напише приказна.

Иако не постои цврст доказ дека токму Хемингвеј е автор на овие зборови, анегдотата за најкраткиот расказ продолжува да се прераскажува.

Според сајтот Quote Investigator, најраната верзија на оваа минималистичка реченица гласи „На продажба, бебешка количка, никогаш не е користена“ и е објавена во дневен весник во рубриката „Кратки приказни за градот“.

Дали ова била нечија лоша шега или тажно сеќавање, никогаш нема да дознаеме.

Постојат и две други верзии на оваа приказна создадени години пред да се случи наводниот облог на Хемингвеј. Една од нив е насловот на есејот на Вилијам Р. Кејн за „сопругата која го изгубила бебето“. Објавен е во 1917 година, а неговиот наслов е „Мали чевли, никогаш неносени“.

Верзијата со количката била повторена во 1921 година, кога се појавила во колумна напишана од Рој К. Мултон, во која овој оглас бил припишан на анонимно лице од реалниот живот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот