
„Дајте ми кое било, и онака утре ќе ви го вратам“: Дедо од Австралија зел туѓо дете од градинка
Неверојатен инцидент се случил во градинка во Сиднеј, каде што дедо погрешно го зел и го однел дома туѓото дете, што предизвикало итна истрага од страна на властите. Човекот дошол да го земе својот внук од градинката „Први чекори“ во јужното предградие Бангор во понеделникот попладне, но успеал да земе дома друго момче кое спиело во затемнета соба, пренесе „Гардијан“
Препорачано
Пропустот бил откриен дури кога мајката на едногодишното дете кое било однесено пристигнала да го земе своето дете и сфатила дека го нема.
„Не можам да го опишам чувството“, изјавила таа за „Сиднеј морнинг хералд“, барајќи да остане анонимна.
„Не можеа да ми го кажат името на човекот, не можеа да ми кажат кој е, не можеа да ми кажат кого требало да земе. Не можеа да објаснат како изгледал, освен што носел шорцеви и бил постар господин“, вели шокираната мајка.
Иако центрите за грижа за деца имаат строги безбедносни протоколи според кои само родители, старатели или овластени лица за нега имаат право да ги земаат децата, мајката вели дека не го обвинува дедото за оваа грешка: „Не сме лути на него. Не сме лути на него – ја обвинуваме градинката“.
Сопругата на дедото кој ги заменил децата изјавила за „Сиднеј морнинг хералд“ дека нејзиниот сопруг бил „скршен“ и дека „ја презел одговорноста за грешката“.
„Кога сфатил, многу брзо го вратил тоа дете“, додала жената.
Градинката суспендира воспитувачка
„Први чекори“ потврдија дека воспитувачката вклучена во инцидентот е суспендирана.
„Искрено им се извинуваме на семејствата директно вклучени во овој длабоко вознемирувачки и изолиран инцидент“, изјави директорката на градинката, Триша Хасти.
Таа нагласи дека вакво нешто никогаш порано не се случило и дека тие ги засилиле процедурите за „да се осигурат дека ова никогаш повеќе нема да се случи“.