
Д-р Петличковски: Вакцинираните многу ретко стигнуваат до болница, а уште поретко умираат од ковид
Министерството за здравство почна сериозна кампања за кревање на свеста кај граѓаните за важноста на вакцинацијата за справувањето со пандемијата со коронавирусот откако делта сојот затропа на нашата врата. Пред два дена во земјава беа потврдени шест случаи заразени со него, од кои ниеден не бил вакциниран со ниту една доза.
Делта варијантата на коронавирусот е најголема грижа, а шансите невакциниран и непрележан човек да се зарази со него се поголеми споредено со другите соеви, вели за „Слободен печат“ директорот на Институтот за имунологија, доктор Александар Петличковски.
Препорачано
– Болеста и симптомите кај делта варијантата се многу споредливи со оние што и досега ги гледавме кај ковид-19. По однос на заразувањето, шансите човек да се зарази со делта сојот кога би се сретнал со него се поголеми од претходно. Кризата е за непокриеното и невакцинирано население, затоа што поголем број луѓе може да се заразат и повторно да имаме нов бран, а ние сакаме да ставиме крај на епидемијата. Тој аспект е грижа и тоа е проблемот – вели професор Петличковски.
Тој додава дека во тек се студии што проценуваат дали трета, бустер доза би ја зголемила ефикасноста на вакцината, ама јасен заклучок од нив уште нема. До есен се очекува развиените земји како САД, Германија, Велика Британија и Холандија да имаат став по ова прашање, кој би го следела и нашата земја.
– Испитаните и потврдени факти се дека вакцините ги штитат луѓето од делта варијантата и од сите постојни циркулирачки варијанти. Станува збор за многу сериозна заштита и клучно е што вакцините обезбедуваат заштита од тежок тек на болеста. Најмеродавен и најважен податок е оној на Центарот за контрола и превенција на болести во САД, според кој 99,5 проценти од починатите поради ковид-19 во оваа земја во изминатите шест месеци, биле невакцинирани луѓе. Тоа значи дека вакцинираните многу ретко стигнуваат до болница и уште поретко завршуваат летално – објаснува Петличковски.
Министерството за здравство почна сериозна кампања за кревање на свеста кај граѓаните за важноста на вакцинацијата за справувањето со пандемијата со коронавирусот откако индискиот сој затропа на нашата врата. Пред два дена во земјава потврдени беа шест случаи заразени со делта варијантата, од кои ниеден не бил вакциниран со ниту една доза. Од овие лица, едно е во тешка состојба, на респиратор, откако повеќе од една недела одбивал да оди на лекар и бил во домашна изолација. Станува збор за повозрасен граѓанин.
Доктор Горан Кунгуловски, биоинженер во лабораторијата за генетика и персонализирана медицина во клиниката „Жан Митрев“, прашан какви изгледи да се спаси од зараза со делта варијантата има невакциниран и непрележан човек, вели дека тие се мали.
– Кога ќе се зголеми локалната трансмисија, шансите да не се заразите се многу мали. За невакцинираните и непрележаните ова ќе биде најтежок бран, бидејќи вирусот е многу лесно пренослив – ни рече доктор Кунгуловски.
Тој додаде дека вакцините уште ја добиваат битката и со новите соеви и имаат доволна ефикасност за да ја неутрализираат пандемијата. Според него, за вирусот да престане да еволуира потребно е да престане да „скока“ од еден на друг човек, а тоа се постигнува со вакцинација и со следење рестриктивни мерки.
Според некои студии, преносливоста на делта варијантата е за 40 проценти поголема на отворено, и за 60 проценти поголема во затворен простор. Здравствените експерти се децидни дека вакцинацијата е најдобрата алатка за заштита и спречување на нов бран или барем негово ублажување. Од 12 јули сите граѓани без закажување ќе можат да примат вакцина на пунктовите ширум земјава, а ќе се спроведува и теренска вакцинација. Процените на Светската здравствена организација (СЗО) се дека делта варијантата има потенцијал да стане доминантна во светот, а регистрирана е во повеќе од 100 земји.
Здравствените власти во земјава потсетуваат дека сите вакцини што ги има кај нас се безбедни и признаени од СЗО и од националните институти на земјите што ги произведуваат. Секоја вакцина е ефикасна и штити од тешка форма на болеста, компликации или смртен исход.