
Д-р Пановски: Ги наградуваат вакцинираните со една доза, да може да шетаат, да ја шират болеста и да се разболат!
Професорот на Медицинскиот факултет, доктор Никола Пановски вели дека вакциниран граѓанин со една доза е исто како невакциниран, особено првите денови односно првата недела по нејзиното администрирање
Мерката да се дозволува граѓаните со една примена доза да имаат пристап на настани на затворено, во кафулиња, трговски центри и слободно да се движат, претставува лажна надеж за нив и опасност за сите други, затоа што вакцинираните со една доза се опуштаат и се однесуваат како да имаат имунитет, иако тој не е до крај создаден, велат медицинските професионалци со кои контактираше Слободен печат.
Препорачано
Оваа мерка, заедно со мерката да се дозволува нерестриктивен влез на настани за прележани не порано од 45 дена, е ,,македонски изум” и ја нема никаде во светот, велат тие.
Професорот на Медицинскиот факултет, доктор Никола Пановски вели дека вакциниран граѓанин со една доза е исто како невакциниран, особено првите денови односно првата недела по нејзиното администрирање.
–Првата недела по примањето на првата доза, вакцината нема ама никаква улога! Граѓанин вакциниран со една доза, никаде во светот не се смета за комплетно вакциниран, освен кај нас. И второ, препораката за прележаните до 45 дена, не е од Светска здравствена организација, не е од Центар за контрола и превенција на болести, не е од никаде. Тоа е нивни изум, да ги наградуваат вакцинираните, да може да шетаат да ја шират болеста и да се разболат. Вакцинација по прележување од 45 дена не постои никаде во светот. Некаде е 9, а на други места и 12 месеци. Ова нема врска со медицина. За Фајзер, имунитет се создава 2 недели после втората доза. За кинеските, после месец ипол по втората доза. Значи имунитетот после првата доза на Фајзер, се создава по 35 дена. А за кинеските месец ипол до два после втората доза. Им даваат лажна надеж на луѓето, зашто во тој меѓупериод по првата вакцина, може да се разболат и може да ја шират болеста. И ова со една доза, е нивен изум. Никаде во светот со една доза не може да се добие влез во ресторани. Нека излезе доктор, професор, од Медицински факултет да ги одбрани овие мерки од медицински аспект, ги повикувам. Нема ни од Комисијата некој таков што ќе излезе, зашто ова е стручна работа, а не политичка. Друго, да кажат колку од прележаните повторно се разболеле. Тоа е минимален број, многу помал отколку вакцинираните. После првите 3 месеци, имунитетот од прележаност е посилен од имунитетот од вакцините за делта сојот. За делта сојот, после првите три месеци драстично паѓа одбраната. По 3 месеци ако си прележан, многу повеќе си заштитен, отколку ако не си прележан. Тие цитираат трудови за мерење антитела после месец дена од вакцинирањето. Ама тие антитела паѓаат, дециден е професор доктор Пановски.
Тој апелира граѓаните кои примиле една доза вакцина деновиве или ќе ја примат следниот период а не прележале ковид, да не влегуваат во објектите каде власта им дозволува да влегуваат.
-Вие уште немате имунитет, не сте заштитени, под голем ризик сте таму да се заразите и потоа да ја ширите заразата. Потврдата не ве шири од зараза, нека не ви дава лажна сигурност. Откако ќе ја примите втората доза и ќе поминат две недели, тогаш може да претпоставиме дека сте заштитени, вели Пановски.
Епидемиологот, доктор Александар Стојанов вели дека една доза вакцина е подобра од нидна, ама дефинитивно не создава целосна заштита.
–Од мерките не ми се јасни две работи. Прво, зошто некој може да влегува во објекти до 45 дена од прележаната болест. Што се случува на 46 тиот ден? Некои земји дозволуваат 8 месеци или 12 месеци по прележувањето. Другиот момент што не ми е јасен е зошто со една доза може да се влегува. Една доза е подобра од ниедна. Ама очигледно е дека не е доволна за заштита како што треба. Да немаше доволно вакцини, ќе разберев. Ама сега имаме вакцини и за да биде ефектот поефектен, треба да има втора доза. Сега се размислува и за трета доза. Важно ќе има и трета доза. Човек кој е вакциниран со една доза, да се однесува исто ко да не е вакциниран! Многу е поголема шансата да фати ковид со една доза отколку со две. Тоа значи, до втората доза, да се избегнуваат гужви, да се носи маска и да се држи растојание. Општите мерки, како за невакцинирани да ги почитуваат и вакцинираните со само една доза. По втората доза пак треба две три недели да поминат за да се подигне имунитетот. Убеден сум дека комисијата за заразни болести цело време им ги дава на владините претставници мерките како што треба. Ова со една доза и 45 дена, не е излезено од Комисијата за заразни болести. Ама кога ќе отидат мерките во владата на тој нивен кризен штаб, таму комбинираат и излегува ова. Поинаку не можам да си го објаснам ова. Никаде во светот не е вака. Епидемиолошки, медицински, ова не е издржано, вели доктор Стојанов за Слободен печат.
Американска анти-ваксерка починала од Ковид: „Вакцинирајте ми ги децата“