
Царовска: Родителите и децата да не ја бојкотираат наставата
Министерката за образование, Мила Царовска денеска ги повика родителите и децата од нашата држава да не бојкотираат настава, затоа што со тоа нема да се решат проблемите.
Препорачано
Министерката Царовска денеска беше во посета на Основното Училиште „Петар Здравсковски Пенко” во населбата Скопје Север, каде истакна дека се обезбедени сите технички услови, и за настава со присуство, и за онлајн-настава.
-Секој од нас е одговорен за јавното здравје. Бојкотот е неконструктивен начин за искажување на незадоволството. Ги повикувам сите наши граѓани, деца, дека секој од нас треба да се справува на конструктивен начин со оваа епидемија. Се стремиме да бидеме како најразвиените земји. Образованието е најважно, ние треба да се трудиме да ја намалиме детската сиромаштија. Оваа пандемја е лекција за нашата држава- рече Царовска.
Основното училиште „Петар Здравковски Пенко” во општина Бутел денеска доби 400 пунктови за дезинфекција и 400 бесконтактни топломери – донација од турската Агенција за соработка и координација – ТИКА, која ќе донира и во други училишта во земјава во рамки на новиот проект „Здраво и одржливо образование”.
Амбасадорот на Турција, Хасан Мехмет Секизќок, на доделувањето на донацијата истакна дека преку овој проект ТИКА донира заради хигиенски и безбедни услови во училиштата, нагласувајќи дека Турција е солидарна во борба со пандемијата и дека од нејзиниот почеток ја потенцира меѓународната соработка.
Министерката за образование и наука Мила Царовска се заблагодари на донацијата, посочувајќи дека таа ќе помогне за оджување на епидемиолшката состојба и за спроведување протоколите во училиштата.
-Важно е во овој период наставниците, директорите и градоначалниците да се на висина на задачата зашто овој предизвик е голем за нашата држава, како и во светот. Голема благодарност до Република Турција за донацијата, со која им се помага на училиштата за одржување и спроведување на протоколите кои се дадени како здравствена насока за да се одржи епидемиолошката состојба на ова ниво што го имаме денеска. Се надевам на континуитет на соработката која и досега е одлична, изјави Царовска.