
Циклусот „Денови на словачки филм“ дава суштински увид во една блиска кинематографија
Ретроспективата на словачкиот класичен филм е навистина ретка можност за македонската филмска публика во Кинотеката од 23 до 29 март да добие суштински увид во историјата на една релaтивно блиска кинематографија.
Препорачано
Филмскиот циклус „Денови на словачки филм“ ќе претстави селекција на класици на словачката кинематографија од периодот на комунистичка Чехословачка.
Станува збор за филмови кои се репрезентативни за развојот на словачкото кино, кои оставиле огромно влијание врз современите словачки филмски автори или се стекнале со култен статус. Ретроспективата вклучува филмови од различни видови и жанрови (играни, документарни, анимирани и кратки филмови).
Програмата ќе почне на 23 март со проекција на два документарни филма на сценаристот и режисер Душан Ханак. „Дојди кај нас Олд Шатерханд“ (1966) е саркастичен приказ на животот зад Железната завеса, додека „Слики од стариот свет“ (1972) прикажува повеќе живописни портрети на стари луѓе од словачките региони Липтов и Орава, кои живеат во внатрешна слобода и покрај цивилизацискиот хаос што ги опкружува.
Краткиот анимиран филм „Промоција“ (1968) на Виктор Кубал ќе биде прикажан на 25 март, а во истата вечер ќе следува и играниот филм „Случајот на Кос Барнабаш“ (1964) во режија на Петер Солан. Филмот е сатирична комедија што го критикува лицемерието и ги илустрира трагикомичните последици од подемот и падот на еден совесен музичар.
На 26 март ќе бидат прикажани документарниот филм „Крстопати“ (1965) на Ладислав Куделка и играниот филм „Клучни години“ (1967), дебитантски филм на режисерот Јурај Јакубиско, еден од најдобрите словачки режисери (изгласан во 2000 година за најдобар словачки режисер на 20 век).
На 28 март ќе бидат прикажани анимираните филмови „Мистериозниот дедо“ (1943) и „Бандитот Јурко“ (1976), кој е првиот долгометражен словачки анимиран филм. Автор на филмовите е Виктор Кубал, сценарист, режисер и аниматор кој е основоположникот на словачкиот анимиран филм.
Ретроспективата ќе заврши на 29 март со проекција на анимираниот филм „Два добри пријатела“ (1972) во режија на Виктор Кубал и играниот филм „Ноќни јавачи“ (1981) на режисерот Мартин Холи. Ревијата е организирана со помош на Словачкиот филмски институт и Словачката амбасада во Скопје.