Новогодишна честитка од „Чудна шума“

Чудесна приказна исполнета со предизвици и успеси од првиот до последниот ден беше 2024 година во „Чудна шума“

Издавачката групација, кафе-книжарница, галерија и арт принт-студио „Чудна шума“ на крајот од претходната година извести дека за нив 2024 беше особено исполнета година – од првиот до последниот ден – со книги, со слики и зборови, со прекрасна уметност, со изложби и фестивали, настани и промоции, гостувања и песни, музика и потпишувања, цртање и сликање и со феноменални фотографии, со многу средби и патувања, со нови пријателства и плодни партнерства.

– Оние кои добро нѐ познаваат – знаат дека не ги мериме работите со бројки, туку со содржини – а 2024 беше токму таква – исполнета со предизвици и успеси, со возбуда и радост, со напорна работа и признанија за вложениот труд – истакнуваат од „Чудна шума“.

Со гордост тие посочуваат дека три нивни изданија освоија значајни награди: „Забранетата соба“ на Александра Симова Клинчарова со илустрации на Хари Дудески беше вклучена во каталогот „White Ravens“ за 2024 година; „Земјата на заборавените сказни“ на Билјана С. Црвенковска со илустрации на Оливер Коларевски ја доби наградата „Ванчо Николески“ на ДПМ за 2023 година; „Момчето од зборови – Девојчето од ноти“ на Катерина Николовска доби две признанија на Саемот на книга од Македонската асоцијација на издавачи (МАИ).

– Нашето принт-студио „Чудна шума АРТ“ стана прво сертифицирано студио на „Hahnemühle“ во регионот, здобивајќи се со златен сертификат за квалитет. Преведовме и објавивме прекрасни изданија во рамки на два проекти – „Млади европски приказни“ и „Планета Надеж (нова европска проза)“, издадовме феноменални нови книги за деца и млади од македонски автори и илустратори, во нашето принт-студио ги испечативме делата за изложбите на нашите уметници и фотографи Киро Урдин, Љубомир Трајковски, Јелена Белиќ, Ристо Костовски, Цветан Гавровски, Иван Блажев, Тони Васиќ, Александар Томовски, Давор Кешќец, Вања Димитрова, Љупчо Јованов, Каја Тасевска, како и дела од повеќе фотографи од изложбата „Денови на македонска фотографија“. По четврти пат го организиравме нашиот фестивал што ја слави книжевноста и креативноста на младите – „YES фестивал: Млади европски приказни, млади креативци“, со гости од Македонија и странство. Ги посетивме саемите на книга во Болоња и Франкфурт, во Загреб и Љубљана. Ја одржавме втората конференција на издавачи во Охрид – истакнуваат од „Чудна шума“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот