Игор Анѓелков / Фотографија: Маја Аргакијева

Четвртата книга со филмска есеистика од Игор Анѓелков е со наслов „Филмско око“

Деновиве од печат излезе „Филмско око“, четвртата книга со филмска есеистика од Игор Анѓелков. Изданието е шеснаесетта книга во едицијата „Или-Или“ на истоимената издавачка куќа.

Десет години од објавувањето на првата книга од серијалот, „Филм.мкд“, која се закити со државната награда за публицистика „Мито Хаџивасилев-Јасмин“, три години подоцна авторот ја издаде „Филмски град“, а во 2022 година и „Филмотопија“.

Во сите изданија Анѓелков будно ги следи случувањата во филмската уметност кај нас и во светот, и преку критички осврти го доловува актуелниот момент во седмата уметност во првата четвртина од третиот милениум.

Содржински, новата книга е поделена во неколку тематски целини во кои авторот се осврнува на сите возбудливи филмови по објавувањето на „Филмотопија“. Книгата започнува со третирањето на македонската кинематографија во овој период, следи поглед кон европската и американската кинематографија во изминатите неколку години, а потоа и делот за филмските фестивали. При крајот има два специјализирани темати во кои се застапени текстови за музиката и филмот, како и за филмските јубилеи.

Централниот дел на книгата е посветен на австрискиот филмаџија Улрих Зајдл, кој беше лански лауреат на фестивалот „КинеНова“ и кој на сцената, при примањето на наградата, прочита еден „манифест“ за состојбата во филмската уметност кој уште долго ќе биде релевантен и цитиран.

Со книгата „Филмско око“ авторот Анѓелков уште еднаш ни „подарува“ бистар поглед на нештата во филмската уметност, грижејќи се за кревката публицистика во оваа област, чии изданија низ годиниве се бројат на прстите од раката.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 277, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-21.4.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот